Буџетот и ЕУ на врвот од листата на Косоp

08/07/2009

Хрватска ја доби својата прва премиерка, Јадранка Косор. Таа наследи голем број сериозни предизвици.

Од Наташа Paдиќ за Southeast European Times во Загреб -- 08/07/09

Поранешната вицепремиерка Јадранка Косор (56) во понеделникот (6-ти јули) ги презеде функциите претседател на партијата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и нов премиер на Хрватска.

„Не можам да бидам друг Иво Санадер ... Можам да бидам она што сум и да дадам сé од себе. Не се плашам и сум подготвена“, рече таа.

Таа се соочува со два големи предизвици: балансирање на буџетот и повторно заживување на преговорите со ЕУ.

Разговорите за пристапување наидоа на ќор-сокак поради долготрајниот пограничен спор со соседна Словенија.

„И покрај историската кратковидност на нашите северни соседи, ќе влеземе во ЕУ“, вети Косор.

Премиерката, исто така, говореше за борбата против корупцијата и организираниот криминал. „Ќе продолжиме со реформата на правниот систем, поради што го отворивме Министерството за администрација“, рече таа.

Опозициските политичари веќе изразија сомнежи. Водачот на Социјалдемократската партија (СДП), Зоран Милановиќ, предупреди дека ситуацијата во земјата е далеку од идеална.

Дамир Кајин, портпаролот на партијата Истарско демократско собрание, предложи да се одржат избори. „Ако владата на Иво Санадер не успеа, се сомневам дека нејзиниот остаток ќе успее“, рече тој.

Сепак, се чини дека Косор има цврста поддршка во хрватскиот парламент, или Сабор. Пратениците й изглаcаат доверба на новата влада во вторникот, со 83 наспрема 45 гласови.

На партискиот состанок во саботата, претставниците едногласно ја избраа Косор. Централна фигура на состанокот на ХДЗ, сепак, беше Санадер, сега почесен претседател на партијата. Во својот говор пред членовите тој повторно одби да ја објасни својата изненадна оставка од функцијата и политиката.

Според аналитичарите на загребските медиуми, Санадер ја оставил вратата отворена за враќање. Многумина шпекулираат дека тој е можно да се кандидира за претседател на престојната кампања. Официјален кандидат на ХДЗ е екстремниот Андрија Хебранг.

Косор, по професија правничка, работела како новинар, пишувајќи за бегалците и воените ветерани во конфликтот во 1990-тите. Таа, исто така, била воен известувач за Хрватското радио пред да влезе во политиката во 1995 година, на покана на починатиот претседател Фрањо Туѓман да се приклучи на ХДЗ.

Таа е самохрана мајка, и досега објавила две книги поезија.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас