Вис -- од изолација до туристичка дестинација

03/07/2009

Иако е предизвик да се стигне до островот Вис, природата, шарените медитерански улици и плоштади преполни со рибни ресторани, вреди да се видат.

Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб – 03/07/09

Како најоддалечен населен остров во Далматинскиот архипелаг, на 45 километри оддалеченост од среднодалматинскиот град Сплит, Вис е идеално место за одмор за оние кои сакаат да ги избегнат преполните туристички места. Островот ја зачувал својата автентичност со своето кристално синото море и прекрасните пештери.

„Вис е поразличен од другите хрватски острови. Не е лесно да се стигне до него, но е уникатен. Можете да се релаксирате за време на одморот без да морате да се мешате со многу луѓе преполни со туристички очекувања“, изјави за Southeast European Times загрепчанката Ивана Девиќ, која планира одмор на Вис.

За време на Втората светска војна овој остров бил прибежиште на Јосип Броз Тито, кој потоа стана водач на поранешна Југославија.

Пред распадот на Југославија, Вис беше забранет остров со воена поморска база -- странските туристи немаа пристап на островот. Но, последната воена подморница го напушти остворот во 1989 година и Вис стана место на приватни јахти.

Најголем проблем е пристапноста, особено за неговите 3.500 жители. За оние без брод, единствен начин да стигнат до Вис е со ферибот или хидрофоил. Но, откако ќе се стигне на островот, патиштата се лесни за патување.

Едно од најпознатите места во Вис е Бишево, островче во близина на градот Комиза. Во заливчето се наоѓа Сината пештера, наречена „Бисер на Јадранот“, позната по својата светкава рефлексија на сини и сребрени сенки, природен феномен што создава атмосфера како од приказните. До пештерата може да се стигне со брод, а посетителите можат внатре и да нуркаат.

Хрватската нуркачка и светска шампионка во задржување на здивот Карла Фабио е долгогодишен обожавател на островот. „Вис е прекрасен кога нуркате и вежбате, бидејќи подводниот свет ве остава без здив. Тоа е моето омилено место, каде што го комбинирам вежбањето со одмор“, вели Фабио, која го избра островот за својата венчавка.

Вис и Комиза -- двете најголеми села на спротивните краеви од островот -- нудат многу хотели и приватни сместувачки капацитети. Жителите на Вис се пријателски расположени, но говорат на дијалект на хрватскиот јазик кој дури и родените во истиот регион тешко го разбираат.

Затоа, ако одлучите да отпловите до Вис, еве еден совет за вас -- обидете се да комуницирате со локалното население на англиски јазик и ќе ви биде полесно да се разберете.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас