03/07/2009
Претседателот на турската влада призна дека земјата се однесува неодговорно во поглед на малцинските прашања.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times во Анкара -- 03/07/09
Премиерот Реџеп Тајип Ердоган во мај даде ретко критичка оценка за тоа како земјата се однесува кон малцинствата во својата понова историја. „Со години, луѓето од различен етнички идентитет се протеруваат од земјата ... Всушност, тоа беше исходот на еден фашистички пристап“, рече тој.
Еврејската заедница во Турција веднаш ги потврди зборовите на Ердоган. „Премиетот ја кажа вистината“, изјави водачот на заедницата Силвио Овадја за весникот <i>Mилијет</i>.
Пред и по Првата светска војна -- кога Отоманската империја се претвори во модерна нација-држава -- скоро два милиони Грци, 1,5 милиони Ерменци и 500.000 Евреи живееја во Турција.
Во турбуленциите што следеа се случија масакри и принудни депортации, и во 1923 година размената на населението меѓу балканските земји уште повеќе ги намали малцинствата.
Скоро половина милион Турци и еден и пол милион Грци се преселија во Турција, односно Грција.
Иако трите немуслимански турски малцинства -- Евреите, Ерменците и Грците -- уживаат еднакви права според турскиот устав, тие се соочуваат со периодична дискриминација. Денес, околу 60.000 Ерменци, 25.000 Евреи и 3.000 до 4.000 Грци живеат во Турција.
Во извештајот на ЕУ за напредокот во 2008 година земјата беше критикувана заради тоа што не ги решава постојните проблеми поврзани со малцинствата. „Немуслиманските заедници сé уште се соочуваат со проблеми поради недостатокот на правен идентитет “, се вели во извештајот.
Унијата, исто така, ги критикуваше континуираните ограничувања на Турција на обуката и третманот на немуслиманското свештенство. „Турската легислатива не предвидува приватно високо верско образование за овие заедници и нема такви можности ниту во јавниот образовен систем. Грчката православна семинарија Халки останува затворена“, според истата.
Во извештајот се заклучува дека „воведувањето на Министерство за внатрешен циркулар на 19-ти јуни 2007 година за верските слободи на немуслиманските турски државјани сé уште не го даде посакуваниот резултат“.
Зборовите на премиерот се чини дека требаа да ги разбијат сомнежите дека неговата партија не е целосно посветена на малцинските права. Министерот за одбрана, Веџди Ѓонул, на пример, беше критикуван поради тоа што рече дека Турција не може „никогаш да стане нација-држава ... ако Грците и Ерменците се сé уште големи делови од оштеството“.
Според колумнистот на Ватан Окај Гоненсин, коментарите на Ердоган „може да се сметаат за голем чекор“. Истакнатиот експерт за малцинства во Турција, Баскин Оран, исто така, ги опиша како пресвртница.
„Табу-темата е разбиена“, изјави Оран за истанбулскиот ерменски весник Агoс. „Отсега натаму ова е неповратен процес. Се отвора нова ера.“