02/07/2009
На општо изненадување, премиерот Иво Санадер рече дека ја напушта политиката од лични причини.
Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб -- 02/07/09
Хрватскиот премиер Иво Санадер неочекувано поднесе оставка во средата (1-ви јули), поради, како што рече, лични причини. Тој ја назначи својата заменичка, Јадранка Косор, за свој наследник, отворајќи ја вратата за првата премиерка на Хрватска.
Според неофицијални извори, на високиот претставник на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андрија Хебранг му е понудено местото на Санадер како претседателски кандидат на изборите следната година и тој прифатил.
„Ја напуштам политиката, но политиката секогаш ќе биде дел од мене. Поднесувам оставка од лични причини и сакам да ги прекинам сите шпекулации и да кажам дека тоа беше моја одлука и дека таа е конечна“, рече Санадер на прес-конференцијата по соопштението.
Тој демантираше дека има здравствени проблеми и рече дена не ја размислува за евентуална позиција во европска институција, иако добил вакви понуди. „По 20 години во политиката, десет во ХДЗ и шест во владата, вреќе е [да се сврти] нов страница“, рече тој. „Го сработив мојот дел и сега е време за други. Тоа е правилото на политиката и животот.“
Членовите на партијата ХДЗ велат дека веста и за нив била изненадување. Хрватскиот претседател Стипе Месиќ, кој разговараше со Санадер во средата, исто така, рече дека одлуката е неочекувана.
„Изненаден сум поради моментот што го избра Санадер, додека Хрватска се соочува со тешка економска ситуација и во услови на блокада на преговорите за влез во ЕУ од страна на Словенија. Во вакви околности, евентуалната владина криза нема да помогне за стабилизирање на земјата“, рече Месиќ.
Според весникот Јутарњи лист, за новата влада предводена од Косор парламентот може да гласа уште в петок.
„Владата ќе продолжи со задачите што беа претходно планирани“, рече таа. Локалните медиуми објавија дека меѓу 80 и 88 членови на парламентот ветиле дека ќе ја поддржат нејзината номинација.
Водечката опозициска Социјалдемократска партија, предводена од Зоран Милановиќ, повика на предвремени избори по оставката на Санадер.
Јавноста е незадоволна од неговата одлука и некои велат дека се чувствуваат предадени. „Не го очекувавме ова. Сега сé е нејасно“, изјави за Southeast European Times Томислав Периќ (43).
Кружат шпекулации за тоа што е причината за овој потег на Санадер. Некои велат дека ова се должи на превирањата во ХДЗ, додека други посочуваат дека тој не сакал да биде одговорен за економската криза во земјата. Сепак, на прес-конференцијата што ја одржа, тој негираше дека „бега од проблемите“.
Ако се работеше за тоа, рече тој, немаше воопшто да го преземе раководењето со ХДЗ, ниту, пак, ќе се кандидираше на локалните и општите избори едноподруго.
Санадер, кој е член на ХДЗ уште од почетокот, во 1990-тите, беше моќен и важен политичар. Тој успеа да ја реформира партијата по смртта на нејзиниот прв претседател, Фрањо Туѓман. На власт од 2003 година, Санадер се сметаше за многу амбициозен конзервативен демократ кој ја водеше земјата до членството во НАТО оваа година и постигна стабилен напредок кон членството во ЕУ.
Божидар Панкретиќ, министер за земјоделство и член на Хрватската селска партија ќе дојде на местото вицепремиер, кое се испразна поради Косор.