Албански избори: Слободни, фер и со неизвесен победник

29/06/2009

Набљудувачите и клучните политичари во Албанија се согласуваат дека изборниот процес беше демократски и фер. Гласовите сé уште се пребројуваат.

Од Јонилда Коци за Southeast European Times во Тиранa – 29/06/09

Парламентарните избори во неделата (28-ми јуни) беа поздравени од меѓународните набљудувачи и главните политички играчи во Албанија како фер. Тоа е голема работа, бидејќи овие избори се сметаа за клучен чекор во процесот на пристапување на Албанија во ЕУ.

Според последните бројки на веб-страницата на Централната изборна комисија (ЦЕЦ), со помалку од 40 отсто пребројани гласови, опозициската Социјалустичка партија (СП) води со 41 отсто, по што следи Демократската партија (ДП) со 39,5 отсто.

Сепак, анкетите на излезот на избирачките места покажуваат дека ДП е во водство на изборите со 47,5 отсто, по што следи СП со 39 отсто.

ЦЕЦ се очекува да ги објави прелиминарните официјални резултати подоцна во понеделник.

Двајца од главните кандидати се согласија дека гласањето протекло непречено, и покрај некои пропусти.

„Денот на изборите помина сосема мирно, имаше ситни работи, но нема избори без мали проблеми, важно е да нема големи проблеми“, рече премиерот Сали Бериша од ДП, на прес-конференцијата по затворањето на избирачките места.

И Еди Рама од СП имаше исто мислење. „И покрај серијата нерегуларности и непријатни детали, генерално, целта да се загарантира процесот, мирот и демократската нормалност, беше остварена.“

„Имаше некои мали нерегуларности, но овојпат помалку отколку на минатите избори“, рече амбасадорот на ОБСЕ во Албанија, Роберт Бош.

Според ЦЕЦ, одѕивот изнесуваше околу 46 отсто. „Можам да го опишам изборниот процес како најдобар досега во земјата“, рече претседателот на ЦЕЦ Арбен Ристани.

Најголем одѕив е регистриран во јужниот град Ѓирокастро, според Ристани.

Практиката на семејно гласање -- членови на семејството гласаат и за роднините -- беше забележано од набљудувачите во Пешкопеја и Фиер. Имаше некои технички проблеми, вклучително и недостаток на мастило -- кое се користеше за одбележување на гласачите, за да не гласаат двапати -- и повторување на имиња во избирачките списоци во некои центри.

Беа распоредени околу 5.500 полицајци и не беа пријавени случаи на насилство.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас