06/01/2009
Иако најсеверниот регион на Романија, Молдавија, е позната како најсиромашен дел од земјата, тој е познат и по гостопримството и топлината -- особено за време на зимските празници.
Од Пол Чикои за Southeast European Times во Букурешт - 09/01/06
Гостопримството е легендарно во романскиот регион Молдавија, кој се наоѓа во североисточниот дел од земјата. Обично се вели дека секој кој ќе го премине прагот таму сигурно ќе добие топол дочек. Не е чудно тоа што најголемиот романски поет, Михаи Еминеску, и познатиот раскажувач Јон Креанге, потекнуваат од овој регион, кој е преполн со зимски традиции и кујна.
Празниците започнуваат со традиционалното колење прасе, кое е сé поконтроверзно прашање по пристапот на романија во ЕУ. Селаните го колат прасето на Игнатовиот ден, 20-ти декември. Според народното верување, прасето мора да пцовиса на тој ден -- во спротивно тоа ќе ја сонува сопствената смрт таа ноќ и со тоа ќе прекине процесот на негово крмење. Дебело прасе е доказ за благосостојбата и напорната работа на одгледувачот.
Свинското е основно за многу јадења во Модлавија. Кисел борш и мешани свински органи печени во рерна, кои обично се подготвуваат со црвено вино и домашно подготвено овчо сирење, стануваат точитура молдовенаскa. Молдавците, исто така, подготвуваат сармале, мешавина од свинско, ориз и различен зеленчук завиткани или во зелка или во лозови листови и потоа варени во кисел свеж борш. Ова јадење е задолжително за секој специјален семеен настан. Какви и да е храната на масата, пченкарната палента (мамалигута) и туршијата се вообичаени.
Калтабоси е дебел колбас, обично од свински црева полнети со свинско, ориз и кромид. Молдавците, исто така, комбинираат пилешко и свинско за ракитури, јадење кое изгледа како желе и е со силен вкус на лук.
Поален брау и турта цу јулфa се типични молдавски десерти. Првото е локална пита со сирење печена во рерна, додека втората содржи тенки слоеви тесто печени на рингла и потоа посипени со мед и ореви. Слоевите се ставаат еден врз друг за да се направи голем колач.
Козинак, сунгерест колач украсен со суво грозје и ореви, е највообичаен десерт за Божиќ и Велигден.
Молдавците ги негуваат своите зимски обичаи, од кои повеќето потекнуваат од далечното минато. На Бадник групи мажи и деца одат од куќа до куќа да им посакаат на локалните жители поволна година во традиционалната процесија која се нарекува плугусорул (мал плуг). Луѓето пејат, свират со свирчиња и кавали и ѕвонат со мали ѕвончиња.
Следниот ден, се враќаат за да попрскаат со зрна пченица која симболизира плодност, здравје и чистота. Типичен за регионот е уште еден обичај во кој некој носи вистинска или лажна мечкина кожа и игра на музиката на кавалот.