30/12/2008
Иако беше дочекан како договор на векот за Србија, енергетскиот договор со Русија и продажбата на Нафтената индустрија на Србија (НИС) на рускиот Газпром, предизвикуваат голема контроверзност во Белград и сериозни проблеми во српската влада.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 30/12/08
По неколку месеци преговори и контроверзност, руското претпријатие за гас „Газпром“ ја купи Нафтената индустрија на Србија (НИС) за 400 милиони евра на 24-ти декември, ветувајќи дека ќе инвестира најмалку 500 милиони евра во српското претпријатие.
Истиот ден српскиот претседател Борис Тадиќ и неговиот руски колега, Дмитри Медведев, потпишаа политички договори за изградбата на гасоводот Јужен тек низ Србија и реконструкцијата на српското складиште за гас Банатски Двор.
И покрај тоа што беше претставен како договорот на векот за Србија, енергетскиот договор со Русија ги подели членовите на српската влада, бидејќи некои партии сметаат оти договорот е штетен за нивната земја.
Вицепремиерот и претседател на партијата Г17 Плус Млаѓан Динкиќ рече дека Газпром го зграпчи нафтеното претпријатие за помалку од неговата реална вредност, тврдејќи дека земјата можела да добие 800 милиони евра од продажбата. Динкиќ, кој рече дека Србија не доби цврсти гаранции оти гасоводот ќе поминува низ нејзината територија, исто така, ја посочи можноста неговата партија да се повлече од владата поради несогласувања со партнерите во владејачката коалиција.
Сепак, Тадиќ рече дека падот на глобалната цена на нафтата очигледно ја намали вредноста на нафтените претпријатија, вклучително и на НИС. Тадиќ, исто така, верува оти документот потпишан со рускиот колега беше доволна гаранција дека Русите ќе изградат гасовод кој може целосно да ја промени економијата на Србија.
Гасоводот Јужен тек „е исклучително важен за двете земји, како и за целиот Балкан, и ќе ја претвори Србија во стратешка дестинација за странски инвестиции и централна точка за регионалниот дотур на гас“, рече министерот за надворешни работи, Вук Јеремиќ.
Сепак, според договорите, дали гасоводот ќе поминува низ Србија нема да се знае до септември 2009 година. Поради светската економска криза, некои аналитичари се сомневаат оти Русите воопшто може да си дозволат да го изградат Јужен тек.
„Поминувањето на гасоводот е многу позитивна работа за Србија ... Тој ја зајакнува геостратешката позиција на земјата и ќе донесе годишни приходи ... Ако Србија го добие гасоводот, тогаш вреди да се жртвува нафтената индустрија“, рече францускиот амбасадор во Белград, Жан-Франсоа Терал.
Србија, исто така, очекува цените на природниот гас да паднат ако Русија навистина го изгради гасоводот Јужен тек. Белград сега плаќа значителни суми за природниот гас преку Унгарија. Ако новиот гасовод поминува низ Србија, земјата ќе заработи пари и од дистрибуцијата на гас.