17/11/2008
Големиот муфтија Мустафа Ефендија Чериќ, водач на исламската заедница во Босна и Херцеговина, присуствуваше на тридневниот состанок на католичко-муслиманскиот форум во Ватикан.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево -- 17/11/08
Првиот состанок на католичко-муслиманскиот форум се одржа во Ватикан од 4-ти до 6-ти ноември. Присуствуваа две делегации -- една муслиманска и една католичка -- од по 29 верски експерти и водачи. Меѓу нив беше и шефот на исламската заедница во Босна и Херцеговина, големиот муфтија Мустафа Ефенди Чериќ.
Организатори на форумот беа Советот на папата за меѓурелигиски дијалог и 138 муслимански претставници кои, на 13-ти октомври 2007 година испратија отворено писмо до папата и другите водачи на христијанските цркви и црковните заедници.
На третиот ден од семинарот, учесниците имаа аудиенција кај папата. „Овој состанок е јасен знак за нашето взаемно почитување“, рече папата Бенедикт Шеснаесетти. За време на својот говор тој го окарактеризира семинарот како уште еден чекор кон подобро разбирање помеѓу муслиманите и христијаните.
Меѓу оние кои присуствуваа на папската аудиенција беше Ефендија Чериќ. Во изјавата за сараевскиот Дневни аваз, тој ги пренесе своите импресии од разговорот со папата.
„Му кажав на папата дека БиХ е земја на добри луѓе и го поканив да ја посети нашата земја и Сараево“, рече Ефендија Чериќ, кој, исто така, му пренесе поздрави на папата од католичкиот кардинал на Босна и Херцеговина, Винко Пуљиќ.
Изламскиот водач рече дека се враќа во Сараево со многу повеќе оптимизам за иднината на Европа. „Ова е историски настан за премостување на разликите во европски контекст“, рече тој. Тој додаде дека „почетокот на овој дијалог, базиран на заедничките зборови, иницирани од муслиманите, е ветувачки“.
Католичките и муслиманските верски водачи изјавија во Ватикан дека заеднички ќе се борат против насилството и тероризмот, особено оние злосторства „извршени во името на религијата“.
Во нивната завршна изјава се повикува на заштита на религиозните малцинства од „секаков вид измејување или потсмев“.
Учесниците на форумот решија да се состануваат на секои две години.