02/10/2008
Изјавите на српскиот претседател Борис Тадиќ за евентуалната поделба на Косово предизвикаа жестоки реакции во Приштина, но претстставниците на повеќето српски партии ги отфрлија неговите зборови.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 02/10/08
Претседателот Борис Тадиќ во понеделникот (29-ти септември) на српската државна телевизија изјави дека поделбата на Косово останува опција, иако за тоа не се разговара во моментов. Неговата изјава предизвика жестоки реакции кај косовските власти и отфрлање од страна на претставниците на повеќето српски партии, дури и од членовите на владејачката коалиција.
Одговарајќи на скандалот, Тадиќ во средата истакна дека ја споменал поделбата само како опција, а не како решение. Тој и понатаму ветува дека Белград ќе понуди суштинска автономија за Приштина, но никогаш нема да ја признае нејзината независност.
Во вторникот Тадиќ рече дека идејата за поделба вреди да биде разгледана ако се исцрпени сите други опции. „За поделбата дискутираат српските интелектуалци и меѓународната јавност ... Можам да размислувам за ова само ако сите други опции се исцрпени, и дали би го избрал тоа решение би било премногу хипотетички да се говори сега“, рече Тадиќ.
Изјавите на Тадиќ ги разлутија властите во Приштина, каде што претседателот Фатмир Сејдиу инсистираше на тоа дека Косово е независна и меѓународно признаена држава. „Ние [Косово] сме држава и секоја друга идеја е залудна“, рече Сејдиу. Премиерот Хашим Тачи ја повика Србија да ги напушти ваквите идеи ако сака да пристапи во ЕУ.
Американскиот амбасадор во Србија, Камерон Мунтер, рече дека Соединетите Држави се „против поделбата на Косово“. Мунтер додаде дека некои српски официјални претставници го увериле дека Тадиќ не предложил поделба на Косово.
Меѓународните организации, исто така, ја осудија идејата. Александар Иванко, портпарол на УНМИК, рече дека мисијата се противи на поделбата на Косово. Кристина Галах, портпаролката на шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, рече дека ЕУ никогаш не била за поделба.
Дури и помеѓу владејачките партнери во Белград, зборовите на Тадиќ предизвикаа загриженост. Душан Бајатовиќ, заменик-претседател на Социјалистичката партија на Србија, член на коалицијата, ја отфрли идејата за поделба на Косово, но истакна дека Косово треба да има широка автономија во рамките на Србија.
Одредени опозициски партии го обвинија Тадиќ дека прави терен за признавање на независноста на Косово под притисок од САД и ЕУ.
Некои аналитичари предупредуваат дека две третини од преостанатите косовски Срби што живеат на југ од реката Ибар, го компликуваат евентуалниот обид за поделба на Косово без да заглават во новата држава.