23/09/2008
Новата држава Косово вложува максимални напори да покаже дека воспоставува механизми за заштита и унапредување на интересите на Србите и другите малцинства.
Од Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина – 23/09/08
Минатата недела косовскиот претседател Фатмир Сејдиу потпиша указ за формирање Консултативен совет за заедниците. Декретот се базира на уставот и е поврзан со членовите кои се однесуваат на заштитата и унапредувањето на малцинските права.
Советот ќе работи во рамките на Кабинетот на претседателот на Косово, и ќе биде предводен од Сејдиу.
Претставниците на заедниците кои ќе влезат во советот ќе бидат избрани од самите заедници, изјави претседателскиот портпарол Џавид Беќири за Southeast European Times. Бројот на претставниците од секоја заедница ќе зависи од населението на заедницата што ја претставуваат.
Како резултат на тоа, Србите ќе имаат највеќе претставници во советот, по што ќе следат Турците, Бошњаците и другите малцинства. Претставници на сите малцински заедници, вклучително и Србите, учествуваа на трите консултативни состаноци и изразија подготвеност да бидат дел од советот, рече Беќири.
„Силно веруваме дека добрата работа на овој совет ќе има влијание не само на релаксирањето на меѓуетничките односи, туку и на подобрувањето на добробитот на сите косовски граѓани“, рече тој.
Предлогот за формирање ваков совет беше дел од планот што го предложи Марти Ахтисари, поранешен претставник на ОН за разговорите во врска со статусот на Косово.
Советот нема да има извршна власт или ингеренции за носење одлуки, рече адвокатот на претседателскиот кабинет, Џафер Тахири. „Тој може да дава предлози кои ќе бидат испратени до Министерството за враќање и заедници, до владата или парламентот, преку кабинетот на претседателот“, објасни тој.
Претседателот, во согласност со уставот, може да го одобри законот во рок од осум дена или да го врати до извршните тела ако законот е спротивен на интересите на јавноста или го загрозува функционирањето на косовските институции.
Косово се обидува да покаже дека воспоставува механизми за заштита и унапредување на интересите на малцинствата, особено Србите. Повеќето Срби, сепак, не ја признаваат новата држава и понатаму ги отфрлаат приштинските власти во областите каде што се мнозинство.