EУ презема чекори за зајакнување на економската интеграција на кипарските Турци

20/06/2008

Изразувајќи поддршка за напорите за повторно обединување на Кипар, ЕУ оваа недела одобри неколку мерки за олеснување на трговијата на поделениот остров и со тоа олеснување на економската изолација на заедницата на кипарските Турци.

(AП, Ројтерс, Сајпрус мејл - 19/06/08; AФП, АП, ДПА, КНА, прес-центар на ОН - 18/06/08; Сајпрус мејл, Заман, агенција Анадолу – 19/06/08; Хуријет - 17/06/08, 20/06/08; AП, АФП, ЕУ - 16/06/08; Европска комисија - 10/04/08)

Министрите за надворешни работи на ЕУ одобрија мерки за олеснување на трговијата помеѓу заедниците на кипарските Грци и кипарските Турци оваа недела, во обид да помогнат да се стави крај на 34-годишната поделеност на Кипар.

Во изјавата објавена по состанокот на министрите во Луксембург се вели дека тие се обиделе, со измена на правилата што важат за тргувањето и патувањето преку „зелената линија“ на островот, да ја зајакнат неговата „трговска и економска интеграција“.

Европската комисија (ЕК) предложи измени во Регулативата за зелена линија од април 2004 година, пред околу два месеци. Трите клучни мерки вклучуваат генерално укинување на даноците за земјоделските производи од северот на кипарските Турци, ако тие се пренесуваат на југ, кој е под контрола на кипарските Грци.

Другата мерка дозволува носење стока од северниот дел на остворот на кипарските Турци во јужниот дел на островот од кипарските Грци, во траење од шест месеци.

Покрај ова, поединци сега може да пренесуваат стока во вредност од 260 евра, наместо вредноста од 135 евра, во својот багаж, кога ја преминуваат линијата -- зголемување кое треба да им помогне на сопствениците на дуќани од кипарските Турци.

Министрите за надворешни работи на ЕУ изразија надеж дека новите мерки ќе „придонесат за поволна клима на островот, ќе ги олеснат преминувањата преку линијата и ќе го поддржат тековниот“ мировен процес.

Етничките линии го делат Кипар од 1974 година, кога турските војници го окупираа северниот дел од островот, за да го задушат краткотрајниот државен удар поддржан од Атина, за негово обединување со Грција.

Иницијативата за повторно обединување, спонзорирана од ОН, доживеа голем неуспех помеѓу гласачите од кипарските Грци во април 2004 година. Иако мнозинството кипарски Турци го поддржаа планот, на крајот само меѓународно признаениот дел од островот, со кој управуваат Грците, влезе во ЕУ во мај 2004 година. Само Анкара ја признава економски изолираната Турска Република Северен Кипар.

Надежите за повторно обединување беа обновени во март, кога новоизбраниот претседател на Кипар, Деметрис Христофиас, и водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, се согласија да започнат подготовки за отпочнување на нови мировни разговори, спонзорирани од ОН.

Вкупно 13 работни групи и технички комисии започнаа во април да ги поставуваат основите за разговорите.

Христофиас и Талат се состанаа на 23-ти мај, да го разгледаат напредоко. Тогаш стана јасно дека на групите што се фокусираа на горливите прашања како што се имотните права, безбедноста и договорите за поделба на власта, ќе им треба повеќе време. Водачите на заедниците ќе се состанат повторно во јуни и јули, за да направат проценка дали преговарачкиот процес може да започне наскоро.

Сепак, на 19-ти јуни во Брисел, Христофиас изрази разочараност од улогата на Турција, велејќи дека преговарачите на кипарските Турци бараат одобрение од Анкара за секоја одлука. Тој, исто така, повика на повлекување на половина од турските војници во северен Кипар.

Завршувајќи ја дводневната посета во средата, генералниот потсекретар на ОН за политички прашања, Лин Паско, изрази увереност дека на крајот ќе биде постигнат мировен договор. „Мислам дека ќе започнеме со важни разговори во не толку далечна иднина“, рече тој во Никозија.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас