12/02/2008
Неодамнешната анкета во БиХ покажа широка поддршка во БиХ за членството во ЕУ. Сепак, истата покажа и поделеност на земјата според ентитетот и немање на основни познавања за Унијата и процесот на пристап.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараевo -- 12/02/08
Најновата анкета на јавното мислење во Босна и Херцеговина (БиХ) покажува извонредна поддршка за евентуалното членство на земјата во ЕУ, но истовремено фрла светлина и на недостатокот на знаење за основните факти и обврски што претставуваат предуслов за пристапот во Унијата.
Сараевскиот Алумни центар за интердисциплинарни студии (АЦИПС) неодамна спроведе истражување кое покажа дека ако се одржи референдум, 79 отсто од граѓаните на БиХ ќе гласаат за членство во ЕУ. Всушност, 75 отсто се незадоволни што БиХ се чини дека се движи побавно кон европската интеграција од другите земји во регионот.
Сепак, само 53 отсто знаат што содржи Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА), кој земјата треба да го потпише со ЕУ за да може да пристапи во Унијата.
Анкетата на АЦИПС, исто така, јасно ја покажа разликата на мислењето за членството во ЕУ помеѓу двата ентитета на земјата -- Федерацијата на БиХ (ФБиХ) и Република Српска (РС).
Оваа разлика е најочигледно во врска со реформата на актуелната полициска структура на ентитетите, што претставува предуслов за потпишувањето на ДСА. Процесот е блокиран веќе повеќе од една година.
Запрашани дали постоењето на две одделни полициски сили на ентитетите е поважно за земјата отколку нејзиното членство во ЕУ, 32 отсто од 1.500 испитаници рекле дека полициската структура на ФБиХ е поважна од членство во ЕУ. Во РС тој процент изнесува 61 отсто.
Според политичкиот аналитичар Тања Топиќ од фондацијата „Фридрих Еберт“ во Бања Лука, испитаниците во РС се научени да ја следат официјалната политика на владата на ентитетот. Премиерот на РС Милорад Додик неколкупати рече дека на ентитетот не му треба ЕУ ако тоа значи укинување на полицијата на РС.
„Нашиот обичен граѓанин во РС е релативно необразован и нашите последни избори покажаа огромна поддршка за водачот на партијата СНСД, Додик, изјави Топиќ за <i>Southeast European Times</i>. „Затоа постои раширена јавна поддршка за неговите идеи во РС.“
„Не постои критична маса интелектуалци кои самостојно размислуваат. Тоа претставува старо наследство од нашето недемократско блиско минато“, додаде таа.
Топиќ истакна дека покрај недостатокот на знаење во јавноста, и голем број политичари во БиХ не ги разбираат основите на Унијата. Некои од нив не го знаат ни вкупниот број на членки на ЕУ, рече таа.
„Прашањето на членството во ЕУ е далечно за нашите граѓани бидејќи тие се презафатени со социјалните и економските прашања. Од друга страна, владата не прави ништо за да ги едуцира за прашањата на ЕУ, бидејќи повеќето локални политичари не се заинтересирани за Унијата“, рече таа.