01/02/2008
Спротивставувајќи се на плановите на владата за приватизација на терминалите, работниците во двете најголеми комерцијални пристаништа во Грција започнаа 48-часовен штрајк во средата.
Од Јоргос Анагностопулос за Southeast European Times во Атина – 01/02/08
Работниците во двете најголеми грчки пристаништа -- Пиреа и Солун -- започнаа 48-часовен штрајк во средата (30-ти јануари) против владината одлука за приватизација на контејнерските терминали.
Овој штрајк уследи по протестите на 15-ти јануари, кога полицијата употреби солзавец за растерување на пристанишните работници во двете пристаништа. За време на протестите, пристанишните работици во Солун успеаја да влезат во зградата каде што претставниците на Министерството за поморска трговија и транспорт разговараа за плановите за приватизација. Работниците во двете пристаништа тврдат дека приватизацијата на крај ќе доведе до намалување на работните места.
Но, според министерот за поморска трговија, Јоргос Вулгаракис, пристапот на приватните инвеститори во контејнерските станици ќе й помогне на Грција да има клучна улога во регионот со тоа што ќе стане важен центар.
Досега тендерот привлече интерес од групи во Данска, Кина, Израел, Обединетите Арапски Емирати и Швајцарија. Некои од заинтересираните страни, најверојатно, ќе се обидат да формираат сојуз -- можеби дури и да вклучат грчки партнер -- со цел да победат на тендерот. Вулгаракис доби овластување да поднесе нацрт-закон до парламентот -- со цел да ги заштити правата на работниците на двете пристаниште -- за време на состанокот со кој претседаваше премиерот Костас Караманлис во вторникот.
Тој вели дека нацрт-законот ги штити правата на работниците кои сакаат да ја задржат својата работа. Вулгаракис вели дека истиот им дава опција доброволно да излегуваат со значителни стимуланси и право да ги делат капиталните добивки на пристанишните управи на Пиреа и Солун. Покрај тоа, нацрт-законот ќе им овозможи на децата на вработените да бидат вработувани со стапка од 10 отсто стапка, под услов да ги исполнуваат условите што ги поставиле договорачите на проектите.
Сепак, заменик-претседателот на Радикалната лева коалиција (СИРИЗА), Панајотис Лафазанис, рече дека неговата партија се противи на нацрт-законот и на плановите за приватнизација на владата. Тоа е опасна политика која ја продава грчката сопственост, вели тој.
Администрацијата на Управата на пристаништето Пиреа (ОЛП) испрати писмо до вработените, во кое од нив бара да прекинат со штрајкот и да се вратат на преговарачката маса в петок за да може пристаништето да продолжи со нормалната работа и да се врати атмосферата на добри намери.
„Ве каниме назад на дијалог бидејќи имаме заеднички интереси и конфронтацијата нема да даде победници“, се вели во писмото на ОЛП. Во него се додава дека штрајкот веќе резултирал со многу сериозни финансиски, комерцијални и социјални последици -- почнувајќи од средата повеќе од 8.000 контејнери останаа неискористени на пристаништето.