17/01/2008
Новата скулптура е подигната во чест на легентарниот режисер и актер, кој имаше долга поврзаност со градот.
Од Иво Шчепановиќ за Southeast European Times во Сплит -- 17/01/08
Пред една година локалниот фотограф Феѓа Клариќ рече дека во Сплит треба да му се подигне споменик на Орсон Велс, бидејќи тој уживаше да поминува време во овој град и во другите далматински градови во последните две децении од својот живот. Жељко Керум, локален бизнисмен и сопственик на мултиплекс кино и трговски центар, го финансираше проектот во надеж дека тоа ќе го зајакне туризмот и приходите.
„Со откривањето на скулптурата на Орсон Велс во сплитската област Бродарица, граѓанинот Кејн сега стана нов граѓанин на Сплит“, рече Клариќ.
„Еднаш бев во хотел во Виена каде што на ѕидот имаше натпис дека Моцарт за малку ќе поминел една ноќ во тој хотел, но неговата намера не била остварена од некои причини“, објасни таа. „Тоа ме инспирираше да ја искористам можноста и да создадам врска помеѓу Сплит и еден од најголемите филмски режисери воопшто.“
Во доцните 1960-ти Орсон Велс се сретнал со хрватската актерка и скулпторка Оја Кодар, со која помина околу 20 години од животот, до неговата смрт во 1985 година. Таа била воодушевена од идејата на Клариќ и се согласила самата да ја направи скулптурата.
„Орсон ги сакаше малите медитерански камени улици на Сплит и другите далматински крајбрежни градови“, рече Кодар. „Тој уживаше со локалните жители и имаше многу пријатели. За жал, сите починаа пред да го видат неговиот споменик.“
Велс честопати го посетуваше Сплит и блискиот Примоштен, каде што парот имаше вила. „Орсон дури и го поддржуваше сплитскиот фудбалски тим Хајдук. Еден од неговите фудбалери, Геза Сенауер, беше негов близок пријател и Орсон одеше на натпреварите. Тој најде нешто заедничко со енергичниот темперамент на народот во хрватскиот приморски регион Далмација“, рече таа.
Вистинското име на Кодар е Олга Палинкас. Таа го променила во Оја Кодар бидејќи „кодар“ на хрватски значи „дар“. Велс й велел дека таа му е како дар нему, објаснила таа пред големата публика на откривањето на скулптурата.
Во меѓувреме, Клариќ би сакал Велс да добие и друга почеста. Тој сака улица во Сплит да го носи неговото име.
Велс ги сними „Процес во Хрватска“ и, исто така, глумеше во неколку хрватски филмови, како што се: „Тајната на Никола Тесла“ и „Битката на Неретва“. Тој започна, но не успеа да заврши неколку проекти во Сплит и на блискиот остров Хвар.