26/12/2007
Се очекува српскиот парламент да усвои нова резолуција според која Косово и европската интеграција се главни приоритети на оваа земја, истовремено отварајќи го патот за понатамошно оддалечување од Запад.
(Блиц, Бета - 26/12/07; АФП, АП, ДПА, Балкан Инсајт, Бета, Б92, Влада на Србија - 25/12/07)
Се очекува мнозинството од српските пратеници да ја поддржат новата резолуција во среда (26-ти декември), со која повторно се нагласува правото на Србија на Косово и која се заканува со одмазднички мерки кон земјите кои ќе ја признаат независноста на покраината.
„Косово ќе се смета за составен дел од Србија и во внатрешните и во надворешните работи“, пишува во предлог-резолуцијата, која исто така ги обврзува српските институции и претставници да го поддржат овој став се додека „не биде пронајдено компромисно решение засновано врз Резолуцијата 1244“.
Во понеделникот доцна навечер, двете главни партии во коалиционата влада на Србија – Демократската Партија (ДП) на претседателот Борис Тадиќ и Демократската Партија на Србија (ДПС) на премиерот Коштуница – постигнаа договор за текстот на резолуцијата и го испратија до другите партии во парламентот.
Предлог-резолуцијата беше изготвена две недели откако Белград и Приштина ги завршија преговорите за решавање на идниот статус на Косово. Иако технички е се уште дел од Србија, покраината е де факто протекторат на ОН уште од завршувањето на конфликтот во 1998-1999-та година.
Бидејќи преговорите завршија без договор, Косовските Албанци планираат да усвојат унилатерална декларација за независност по претседателските избори во Србија, кои треба да се одржат на 3-ти февруари. Соединетите Американски Држави и најголем број од земјите-членки на ЕУ изразија подготвеност да признаат независност на Косово, дури и без согласност од ОН.
Во текот на преговорите, Белград нудеше само широка автономија и го одби секој план со кој покраината би добила државност, вклучувајќи го и предлогот за меѓународно надгледувана независнот на специјалниот претставник на ОН Марти Ахтисари .
Резолуцијата предложена од страна на српската влада предупредува дека Белград може да ги наруши односите со секоја земја што ќе ја признае независноста на Косово.
„Секое прогласување или признавање на независноста на Косово, како и активностите што ќе произлезат од ова, без оглед на тоа кој ќе ги усвои или спроведе, ќе бидат прогласени за неважечки и спротивни на уставниот поредок на Република Србија“, се вели во документот.
Во документот, покрај Косово, како главен приоритет на Србија се наведува и европската интеграција. Но, тој исто така предупредува дека секој меѓународен договор кој треба да биде потпишан од страна на земјата, вклучувајќи го и Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со Европската Унија, мора да придонесе за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија.
Покрај тоа, документот ги одбива плановите на 27 земји од блокот за ангажирање на правна и полициска мисија на Косово, која ќе брои 1800 лица, на почетокот од следната година.
„Парламентот објавува дека воведувањето на предложената мисија на ЕУ за имплементација на одбиениот план на Марти Ахтисари ќе биде закана за суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Република Србија“, се вели во документот. „Парламентот бара од владата да постигне договор со ЕУ, според кој ниту една мисија на ЕУ нема да може да влезе на српска територија, како и на Косово, без соодветна резолуција на Советот за безбедност.
Критикувајќи ја севкупната улога на НАТО на Косово, во предлог резолуцијата стои дека Србија треба да прогласи „воена неутралност во однос на постоечките воени алијанси се додека не биде одлучено спротивното со референдум".
Се очекува мнозинството партии да го поддржат предложениот документ за време на гласањето во среда. Но, лидерот на Либерал Демократската Партија Чедомир Јовановиќ упати критики, велејќи дека ваквата резолуција ќе означи „крај на проевропската политика на Србија“.
„Ние нема да ја поддржиме резолуцијата бидејќи таа значи враќање на антизападната изолационистичка политика на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ“, рече тој.
Оливер Ивановиќ, лидер на Косовските Срби, смета дека предложената резолуција се користи за „дневно-политички цели“, кои нема да сменат ништо.
„Ова е жабја перспектива, начин на кој децата го гледаат светот. Бесмислено е ... да ја повредиме ЕУ одбивајќи да се приклучиме кон неа“, изјави тој за белградското радио Б92. „Фактот што нам не ни се допаѓа тоа нема да ги спречи сојузниците на Албанците да дадат зелено светло за прогласување независност. Ако го направат тоа, важно е ние да имаме надворешни сили на кои може да им се обратиме доколку дојде до влошување на состојбата“.
Ивановиќ, исто така, ги критикуваше обидите да се посее страв меѓу Косовските Срби со заплашување за можното насилство врз оваа заедница во случај на прогласување независност.
„Тие не плашат сите, но јас мислам дека постојат помалку шанси за насилство од претходно“, рече тој. „И покрај тоа што сите не заплашуваат со овие работи, мислам дека постои многу помала веројатност за насилство во споредба со тоа што беше во 2004-та година после 17-ти март“, рече тој.