19/11/2007
Групите за човекови права го повикаа претседателот Трајан Башеску да стави вето на новиот закон за приватност, кој според некои има за цел да ги заштити функционерите од истражните новинари.
Од Калин Космачиуч за Southeast European Times во Букурешт -- 19/11/07
Романскиот парламент неодамна усвои нов закон за приватноста, за кој некои велат дека ќе ги потисне антикорупциските напори. Истиот предвидува затворска казна за секој што ќе објави содржина на прислушувани разговори. Групите за човекови права, вклучително и Хелсиншкиот комитет во земјата, предупредија дека нацрт-законот „ги става медиумите под голем притисок“ и го повикаа претседателот Трајан Башеску да го искористи своето право на вето.
Пратениците го усвоија нацрт-законот само неколку недели откако Романската државна телевизија (ТВР) емитуваше видео-снимка на која се гледа како министерот за земјодество, Децебал Трајан Ремес, зема мито. Некои велат дека политичките водачи во земјата изгледа дека повеќе сакаат да ги казнат истражните новинари, отколку да се справат со корупцијата.
Скандалот со Ремес -- еден од најголемите што досега се случиле во земјата -- резултираше со оставка на министерот. Видео-снимката, исто така, го вмешува и поранешниот министер за земјоделство Јоан Муресан и локалниот бизнисмен Георге Чорба.
Скриената камера го снимила состанокот во едно кафуле во Букурешт помеѓу Ремес и Муресан, на кој Муресан му дава на Ремес плико. ТВР, исто така, емитуваше снимен телефонски разговор со Чорба, на кој се слуша како тој вели дека сака да добие тендери вредни милиони евра во институциите кои ги координирал Ремес.
Во телефонските разговори Чорба бара од Муресан да посредува со Ремес, нудејќи му 15.000 евра, традиционални колбаси и нов автомобил.
По прикажувањето на снимката, премиерот Калин Попеску Таричеану побара од Ремес да ја напушти функцијата, додека властите започнаа истрага за изворот на приказната. „Се чини дека снимките се снимени од организација која го испитувала случајот“, рече Таричеану.
За многумина Романци, снимката само ги потврди сомневањата. „Вака функционираат работите тука. Ќе бев изненаден ако министерот ги одбиеше парите“, рече Адријан Барбу, млад лекар од Констанца, за Southeast European Times. „Ова беше важно бидејќи сите ги видоа вистинските лица на луѓето за кои гласале“, рече тој.
„Нормално за ТВР беше да ја емитува снимката“, рече медиумскиот аналитичар Јулиан Команеску. „Но, тие требаше да ја избалансираат приказната и тогаш да му ја покажат на народот. Наместо тоа, тие претставија бомба.“
Минатата недела, за време на конференцијата на една невладина организација во Букурешт, американскиот амбасадор во Романија, Николас Таубман, се приклучи на дебатата. „Шокантно за мене беше тоа што кога телевизискиот канал неодамна емитуваше истражна приказна за наводна корупција на функционер, реакцијата на некои беше да го нападнат медиумот и новинарите кои го подготвиле извештајот, наместо да се фокусираат на сериозните наводи на медиумот“, рече тој.
Тој го повика парламентот да не ги „заплашува“ независните медиуми и да не „ги криминализира“ новинарските напори.
Претседателот на романската Претставничка комора, Богдан Олеану, инсистираше на тоа дека новинарите ќе бидат изземени од кривично гонење, поради тоа што законите ја штитат слободата на печатот. Новата легислатива, рече тој, има за цел да ги казни државните власти кои даваат приватни информации за граѓаните.