ОН водат истрага за заменик-шефот на косовската мисија

28/09/2007

За време на прес-конференцијата оваа недела Стивен Шук рече дека е под истрага за несоодветно блиски врски со косовските претставници -- вклучително и обвинетиот за воени злосторства од страна на ОН Рамуш Харадинај -- и други наводни злоупотреби.

Од Берта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина - 28/09/07

Заменик-шефот на УНМИК Стивен Шук во средата (26-ти септември) потврди дека е под истрага од страна на Канцеларијата за внатрешна контрола на ОН за евентуални злоупотреби. Тој рече дека и покрај тоа што канцеларијата не го информирала лично за истрагата, тој дознал за истата од интервјуата што биле спроведени со членовите на неговиот персонал.

„Според информациите што ги собрав, истрагата е поврзана со моето наводно агресивно однесување, непрофесионализам и блиски односи со министерот за енергија, Етем Чеку, и поранешниот косовоски премиер Рамуш Харадинај, и се протега сé до личните односи што наводно сум ги имал со некои жени од Косово и оние што работат за мисијата на УНМИК“, им рече Шук на новинарите.

Тој го изјави ова на, како што ја нарече, личната прес-конференција. Тој истакна дека не претставува ниту еден официјален став на УНМИК.

„Прва работа за која сум виновен е што си ја сакам работата“, рече Шук. „Втора работа е што ја работам својата работа со голема страст и што давам сé од себе, а не како дипломат, што сум решен да ги завршам работите, што создавам пријателства и непријателства, имам мала толеранција за сé што го спречува Косово да стане подобро, ги поддржувам изборите и отворените листи, што го поддржувам Проектот Ц како клуч за идниот економски просперитет на Косово и како дел од тоа, ги поддржувам сите во Управниот комитет на проектот вклучително и неговиот претседател, министерот Етем Чеку.“

Тој рече дека многу ги почитува остварувањата на Харадинај како премиер и неговата „соработка за пример“ со Трибуналот на ОН за воени злосторства, кој покрена обвинение против него во март 2005 година. Шук ја отфрли можноста за повлекување, и инсистираше на тоа дека нема да дозволи наводите да влијаат на неговите надлежности и процесот на статусот.

Реакциите во Косово се мешани. Во уредничкиот натпис објавен во четвртокот, локалниот весник Експрес ја окарактеризира прес-конференцијата на Шук како навредувачка. „Можеби тој верува дека ние веруваме во она што им го кажа на десетиците новинари“, пишува главниот уредник Берат Бузала.

Додека, во Зери, министерот за животна средина и просторно планирање, Ардијан Ѓини, ги обвини медиумите дека го прогласуваат Шук за виновен без да почекаат и да видат дали наводите против него се вистинити.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас