Лигата против клеветата ги нарече масакрите „геноцид“, Турција протестира

24/08/2007

Анкара се надева дека Израел ќе ја убеди истакнатата еврејска група со седиште во САД да го промени својот став за масакрите врз Ерменците во годините пред пропаѓањето на Отоманската империја.

(Заман, Хаарец - 24/08/07; AФП, ДПА, УПИ, Џерусалем пост, Лос Анџелес тајмс, Лигата против клеветата - 23/08/07; AП, Лигата против клеветата - 21/08/07)

Турските власти во четвртокот (23-ти август) изразија разочарување во врска со големата одлука на еврејската организација претходно оваа недела да ги наречат геноцид масовните убиства на Ерменците во годините пред пропаста на Отоманската империја.

Лигата против клеветата (АДЛ) во четвртокот истакна дека претходно ги опиша болните настаните од периодот 1915-1918 година, извршени од страна на Отоманската империја против Ерменците, масакри и злосторства“.

Сепак, групата сега го дели ставот дека „последиците на тие дејства беа навистина еднакви на геноцид“, се вели во изјавата на националниот директор на АДЛ, Абрахам Фоксман. „Ако зборот геноцид постоеше тогаш, тие ќе го наречеа геноцид“, додаде тој.

Фоксман, сепак, изрази противење на предложената резолуција на американскиот конгрес со која ерменските убиства се прогласуваат за геноцид. Таквиот потег, рече тој, ќе биде „контрапродуктивен“ и „нема да го поттикне помирувањето помеѓу Турците и Ерменците“.

Покрај тоа, рече тој, истата „ќе ја стави во ризик турската еврејска заедница и важните мултилатерални односи помеѓу Турција, Израел и САД“.

Ерменците стојат на ставот дека 1,5 милиони нивни припадници беа убиени во геноцидната кампања од страна на отоманските Турци во времето на Втората светска војна. И покрај тоа што призна дека илјадници Ерменци навистина исчезнаа за време на општите превирања во тој период, Турција инсистира на тоа дека бројот на жртвите е надуен, дека масовен број Турци, исто така, загинале и дека не се случила намерна кампања на геноцид.

Во обид да избегне евентуално назадување во врските со Турција, која е воен сојузник, израелскиот претседател Шимон Перес, во четвртокот го повика турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган за да го увери дека неговата земја сака да ги задржи добрите односи со Турција.

Според турскиот весник Заман, Перес, исто така, ветил дека „ќе се заложи за позицијата на Турција во врска со ова прашање во САД“.

„Ова е мошне чувствително прашање за Турција и ние им посочивме дека нема промена во нашата позиција и дека не сакаме да им наштетиме на пријателските врски помеѓу нашите земји“, рече официјален претставник на израелското Министерство за надворешни работи за весникот Хаарец во четвртокот. „Ние веруваме дека тие ја разбраа нашата порака.“

Заедницата на турските Евреи го критикуваше потегот на АДЛ. „Тешко ни е да сфатиме зошто АДЛ, една од најважните еврејски организации во САД, го промени [својот] став“, рекоа водачите на заедницата во изјавата. „Тешко ни е да ги сфатиме неодамнешните настани помеѓу американската јавност и ненадејната промена на мислењето што предизвика различни мислења помеѓу некои еврејски организации.“

Во средата турското Министерство за надворешни работи го отфрли посочувањето на АДЛ дека постои „консензус“ помеѓу историчарите околу прашањето на ерменскиот геноцид. „Обидот на АДЛ за препишување на историјата преку одлуката што ја донесе, претставува контрадикција и нејзиното оправдување не може да се разбере“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Левент Билман.

Во 2005 година Ердоган испрати писмо до ерменскиот претседател Роберт Кочаријан, во кое го повикува на формирање заедничка експертска комисија, која ќе ги испита настаните поврзани со убиствата. Но, од Ерменија сé уште нема позитивен одговор, рече Билман.

Во новата изјавата од четвртокот, Фоксман побара од АДЛ да „ги охрабри чекорите за создавање атмосфера во која Ерменија поволно ќе одговори“ на турскиот предлог, со цел да им помогне на партиите „во постигнувањето решение за нивните длабоки разлики“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас