12/07/2007
Соочувајќи се со критиките на јавноста поради борбата против ПКК, Турција планира да обучи специјални сили командоси за спроведување на операциите против милитантите.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 12/07/07
Tурските вооружени сили почнаа да регрутираат „професионални командоси“, како дел од новиот план за борба против терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК). Војската очекува да регрутира околу 10.000 војници, кои ќе добијат специјална обука за борба против терористите во планинските области.
Овој потег е значаен нов момент во дводецениската борба на Турција против ПКК. Досега војската се потпираше само на регрутите и редовните војници. Новиот чекор е, исто така, во согласност со долгорочните планови за професионализација на вооружените сили.
Јавноста во Турција сé повеќе ги критикува напорите против ПКК, која ги интензивираше нејзините напади оваа година и уби најмалку 67 војници. Голем број Турци велат дека војската треба да престане да ги користи регрутите со несоодветна обука во борбата против тероризмот.
Турските вооружени сили ја сочинуваат најголемата воена сила во НАТО, со околу 800.000 припадници. Секој маж, турски државјанин, е обврзан да отслужи помеѓу 12 и 16 месеци. Бројот на редовните војници е околу 60.000.
Сегашните планови беа најпрво обелоденети минатиот месец од страна на командантот на турските вооружени сили, генерал Илкер Басбуг, за време на посетата на Училиштето за командоси во Егридир. Генералот, исто така, инсистираше на тоа дека е потребна прекугранична операција во северен Ирак за потиснување на милитантите на ПКК со бази таму.
Оваа недела турските копнени сили ставија огласи на својата веб-страница, повикувајќи млади кандидати да се приклучат на војската како професионални командоси. Т.н. „Планински лавови“ ќе бидат избрани од турските машки државјани на возраст од 26 години или помлади, кои имаат најмалку средно образование и може да исполнат други услови.
Предност имаат оние кои веќе ја завршиле својата задолжителна воена обврска во слични воени категории. Војската нуди значајни можности за професионалните командоси, вклучувајќи и месечна плата од околу 1.480 американски долари -- четирипати повисока од минималната плата во Турција. Исто така, војската нуди сместување, целосо осигурување за сите членови на семејството и други бенефиции.
Новиот систем ќе стави крај на задолжителниот воен рок. Сепак, регрутите сега ќе добиваат главно внатрешни задачи во баталјоните за безбедност. Планот ќе биде спроведен во две фази и ќе биде завршен до крајот на 2009 година.
ПКК се бори за независна држава од 1984 година, убивајќи повеќе од 37.000 лица во текот на тој процес. По фаќањето во 1999 година на водачот на групата, Абдула Оџалан, војниците се верува дека ги префрлија своите бази во области надвор од Турција, главно во планини во северен Ирак.
Според извештаите, војската веќе подготвува планови за формирање 20-километарски тампон-зони надвор од Ирак, за контрола на пристапите во Турција. Турските сили, наводно, ќе бидат стационирани во тампон-зоната во период од четири до пет години.
Премиерот Реџеп Тајип Ердоган за печатот претходно оваа недела изјави дека овластувањето за воен упад во северен Ирак не се наоѓа на најитната агенда на неговата влада, но не ја отфрли можноста тоа да се случи по општите избори закажани за 22-ри јули.