Буш во историска посета на Албанија

02/05/2007

Посетата следниот месец ќе биде прва посета на Албанија на еден американски претседател.

Од Јонилда Коци за Southeast European Times во Тирана – 02/05/07

Белата куќа минатата недела потврди дека американскиот претседател Џорџ В. Буш ќе ја посети Албанија на 10-ти јуни. Тој, исто така, планира да ја посети Чешка, Португалија, Полска, Италија и Бугарија, по присуството на самитот на Групата осум (Г8) во Германија, од 6-ти до 8-ми јуни.

Буш планира да се состане со албанскиот претседател Алфред Мојсиу и со премиерот Сали Бериша.

Според Мојсиу, посетата носи голема симболика. Суперсилата, рече тој, гради реципрочна почит и соработка со една мала земја како што е Албанија.

„Ова претставува доказ за големите вредности на американската демократија, која останува инспирација“, рече претседателот на 26-ти април, за време на состанокот во Тирана со поранешниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, генерал Весли Кларк.

Бериша рече дека ја смета посетата на Буш за светла точка на извонредните односи помеѓу Албанија и САД. „Од независноста на Албанија во повеќето критични моменти на националната слобода за Албанците, САД одиграа улога помагајќи во зачувувањето на правата и слободите“, рече тој.

Тој, исто така, се осврна на ситуацијата во соседно Косово. „Сонот на косовските Албанци за нивна слободна, демократска и независна држава наидува на разбирање кај администрацијата на претседателот Џорџ В. Буш.“

САД, исто така, ги поддржуваат амбициите на Албанија за НАТО. Минатиот месец Буш потпиша закон со кој се потврдува поддршката на неговата земја за пристапот во НАТО на петте земји -- Албанија, Хрватска, Грузија, Македонија и Украина. Актот за слобода на консолидирањето на НАТО од 2007 година, исто така, ја отвора вратата за доделување нова американска воена помош за земјите следната година.

Американските официјални претставници и дипломати го охрабрија приемот на Албанија во НАТО во 2008 година.

Албанија, во меѓувреме, учествува со војници во мисиите предводени од САД во Авганистан и во Ирак. Од февруари земјата има 120 неборбени трупи, стационирани на аеродромот во Мосул. Во декември 2006 година албанскиот министер за одбрана, Фатмир Медиу, рече дека албанските трупи ќе останат во Ирак сé додека американските сили останат таму,

Буш ќе биде првиот американски претседател што ја посетил Албанија. Во 1999 година претседателот Бил Клинтон закажа посета на Тирана, но истата беше откажана. Двајца американски државни секретари ја посетиле Албанија -- Џејмс Бејкер во 1991 година и Колин Пауел во 2003 година.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас