БиХ и Хрватска сакаат договор за предложениот мост

11/04/2007

Хрватска сака да го поврзе полуостровот со главното копно, додека БиХ се плаши дека проектот ќе го блокира поморскиот сообраќај и ќе й нанесе економска штета на нејзиното пристаниште Неум.

Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб -- 11/04/07

Хрватската влада ги потврди плановите за изградба на мост што ќе го поврзува полуостровот Пељешац со главното копно. Двете области, дел од Хрватска, се одвоени со мал крајбрежен појас кој й припаѓа на Босна и Херцеговина (БиХ).

И покрај тоа што на планот најпрво се спротивстави Сараево, сега е постигнат договор за клучната точка на несогласување, со што е избегнат потенцијално сериозен спор помеѓу двете поранешни југословенски републики.

„Владата на Хрватска испрати до властите на БиХ прифатлив предлог за изградба на мост помеѓу Пељешац и главното копно“, рече министерот за транспорт и комуникации на БиХ Божо Љубичиќ.

Официјалните претставници во БиХ се загрижени дека мостот -- кој според првичните планови требаше да биде висок 35 метри -- ќе го блокира излезот на нивната земја на Јадранското Море, спречувајќи го пристапот до пристаништето Неум и оневозможувајќи го поморскиот сообраќај. Оттогаш, димензиите на мостот беа променети.

Покрај тоа, Хрватска вели дека ќе й понуди на БиХ статус на „најпривилегирана држава“ на пристаништето Плоче, кое се наоѓа на северното јадранско крајбрежје.

„Босанските претпријатија се најдобрите клиенти на тоа хрватско пристаниште“, истакна премиерот Иво Санадер.

Тој рече дека хрватската страна ја разбира загриженоста на БиХ и прави сé што е во нејзина моќ да й излезе во пресрет.

„Ние го почитуваме нашиот пријател и сосед Босна и Херцеговина, но, исто така, мораме да го почитуваме и правото на Хрватска за поврзување на двете територии со мост“, рече премиерот.

Но, дури и ако биде заштитен поморскиот сообраќај, мостот ќе има други економски импликации за Неум. Крајбрежниот патен сообраќај моментно поминува низ 35-километарски појас на босанската територија и голем број туристи запираат таму за храна и купување. Ова ќе се смени кога проектот ќе биде завршен.

Од друга страна, сегашниот пат е честопати преоптоварен во текот на летните месеци и граничкиот премин претставува малтретирање за голем број патници.

Мостот Пељешац ќе биде најдолг во Западен Балкан. Според сегашните планови истиот ќе биде долг 2.300 метри, широк 150 метри и висок 55 метри. Истиот ќе чини повеќе од 220 милиони евра за да се изгради, а градењето ќе трае четири години.

Сé уште не се знае дали мостот ќе формира дел од продолжението на автопатот А1, кој моментно го поврзува Загреб со Сплит.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас