Aлбанската влада ќе воведе рамен данок

06/04/2007

Со надеж дека ќе создаде привлечна инвестициона клима, албанската влада планира да ги направи даночните стапки помеѓу најниските во Европа.

Од Јонилда Кочи за Southeast European Times во Тирана – 06/04/07

Во обид да го промовира растот и да ја подобри бизнис климата, администрацијата на албанскиот премиер Сали Бериша планира голема промена на даночниот систем. Најголемата измена е воведувањето на рамниот данок.

„Почнувајќи од 1-ви јануари 2008 година, Албанија ќе воведе систем на рамен данок од 10 отсто, еден од најниските во Европа“, рече Бериша на состанокот на бизнис заедницата на крајот од март.

Корпоративните даноци, кои моментно изнесуваат 20 отсто, ќе бидат намалени на половина. Придонесите за социјално осигурување на бизнисите, исто така, ќе бидат максимум 10 отсто. Владата и другите поддржувачи на реформите велат дека тоа ќе ја прошири даночната база и ќе ја поедностави даночната администрација, истовремено правејќи ја Албанија најлесно место за инвестирање.

Според министерот за финансии, Ридван Боде, промените ќе доведат до порационализиран фискален систем. „Рамниот данок помага да се елиминира потенцијалната арбитража помеѓу корпоративниот данок, дивидентните даноци и данокот на приход“, рече тој.

ДДВ и другите даноци, исто така, ќе мора да бидат постепено намалени со цел да се привлечат инвеститорите, додаде министерот.

Критичарите велат дека измените ќе бидат од корист главно за бизнисмените и богатите, дека ќе имаат мало влијание врз повеќето Албанци и ќе ги казнат сиромашните. Со укинувањето на прогресивниот даночен систем, велат тие, оние што заработуваат малку ќе имаат зголемени даноци, додека мал број на оние со висок приход ќе уживаат неочекувана добивка.

Во минатото, ММФ беше претпазлив околу плановите за намалување на даноците во Албанија. Но, овојпат, се чини дека е поотворен за идејата -- под услов измените да се комбинираат со поефикасно собирање на приходите.

„Ние ќе преговараме со албанската влада за намалување на даноците, во зависност од наплаќањето на даноците“, изјави претставничката на ММФ Ана Маргарет Вестин за печатот.

Владата предводена од Демократската партија веќе воведе различни даночни намалувања во изминативе две години. Најважно од нив беше намалувањето на придонесите за социјалното осигурување од бизнисите, од 29 на 20 отсто, и намалување на даноците за малите бизниси.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас