19/01/2007
Јавноста е разочарана, а бизнисмените губат пари поради проблемите што Албанија ги има во однос на задоволувањето на потребите за струја.
Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана – 19/01/07
Од 1990 година Албанија редовно се соочува со прекини на електрична енергија. Пресушените хидроцентрали, недостатокот од домашно производство и тешкотиите со увозот на енергија, и оваа зима ги оставија жителите во темнина.
Албанското претпријатие за електростопанство, КЕШ, објави дека под итно бара начин за зголемување на количината на електрична енергија, со цел да се избегне целосно затворање на нејзината главна хидроцентрала, како резултат на недостатокот од дожд. Според директорот на КЕШ, Анди Бели, ограничените врнежи ги исушија езерата на хидроцентралите што се наоѓаат на север.
КЕШ воведе 12-часовни секојдневни прекини на електричната енергија низ целата земја. Болниците, владините институции, пекарниците и полициските станици имаа приоритет, макар што и овие институции, исто така, беа погодени.
„Единствениот излез беше зголемувањето на увозот“, рече Бели, додавајќи дека КЕШ е подготвен да купи 9 милиони киловати од соседна Грција. Министерот за економија, Генц Рули, на 11-ти јануари ја посети Атина и доби потврда дека Грција е подготвена да го зголеми својот извоз на енергија за Албанија.
Опозициските социјалисти, во меѓувреме, побараа оставка од Бели. Истото го бара и граѓанското движење „Мјафт!“ (Доста!), кое спроведува кампања за дејствување во врска со проблемот со струјата.
Бизнисите трпат огромна штета. Претседателот на Сојузот на стопанските комори, Луган Брегаси, вели дека бизнис заедницата има просечни дневни загуби од 500.000 евра, како резултат на прекините на електрична енергија.
Бизнисите, особено малите бизниси, треба да добијат намалување на даноците, вели Брегази, тврдејќи дека тие не треба да ги плаќаат истите даноци за време на прекините на струја, како и во нормални работни услови.
Премиерот Сали Бериша вети дека ќе бидат вложени максимални напори за двојно зголемување на резервите на струја, задолжувајќи го Министерството за економија со оваа задача.