09/01/2007
Грофовијата Брашов во Романија е подготвена да му плати 60 милиони евра на поранешното кралско семејство за тврдината од 14-от век, позната како „Замокот на Дракула“, надевајќи се да ги зголеми приходите од туризмот.
(Телеграф, Скотсмен, Њу Јорк Тајмс, Најн о’клок - 09/01/07; Ројтерс, Блумберг, Хотњус.ро - 08/01/07; Скотсмен - 07/01/07; Журнал вести - 28/12/06)
Советот на грофовијата Брашов во Романија бара заем на десет години од една австриска банка за да ја купи средновековната трансилваниска тврдина, позната како „Замокот на Дракула“, од наследниците на поранешното кралско семејство Хабзбург.
Сегашните сопственици -- Доминик Вон Хабзбург, индустриски дизајнер кој живее во Њу Јорк и неговите сестри Елизабет Сендхофер и Марија-Магдалена Холзаузен, кои живеат во Австрија -- побараа 60 милиони евра за недвижниот имот, чие официјално име е Замокот Бран.
„Сакаме да го повратиме замокот, како и да го работиме, бидејќи тоа ќе биде одлична можност за дополнителен развој на туризмот“, рече во понеделникот (8-ми јануари) претседателот на Советот на грофовијата Брашов, Аристотел Канческу. „Трошоците се мали во споредба со она што можеме да го добиеме. За да го купи замокот, Советот на грофовијата во првите две години ќе плати 2,7 милиони евра, а остатокот до 60 милиони евра ќе биде платен преку заем.
Купувањето треба да биде одобрено од сите членови на советот. Канческу рече дека очекува ова да се случи на следната седница.
Издигнат на ридовите во подножјето на планините Карпати, замокот и припаѓал на романската кралица Марија, внука на британската кралица Викторија, се до 1948-та година, кога бил заземен од страна на романскиот комунистички режим и претворен во музеј. Тој им беше вратен на внуците на кралицата минатата пролет според законот за денационализација. Во декември, вон Хабзбург одлучи да го понуди на продажба и стапи во контакт со советот на Брашов.
Според министерот за култура и верски работи Адријан Јорголеску, ова не е во согласност со законски предвидената процедура бидејќи владата прва има право да го купи замокот.
„Понудата за купување е незаконска бидејќи прво ние треба да одбиеме“, извештај објавен во вторникот во британскиот дневен весник Tелеграф ја цитира изјавата на министерот. „Советот на грофовијата Брашов може да размислува за купување на замокот само откако министертвото за култура ќе каже дека не е заинтересирано, а ние сеуште не сме дале ни понуда“.
Романскиот дневен весник на англиски јазик Најн о’клок , исто така, ја цитираше изјавата на Јорголеску во која вели дека не може да има официјална дискусија за продажба на замокот се додека неговото министертво не добие писмено барање од неговите сегашни сопственици. „Не сум против можноста замокот да биде купен од страна на Советот на грофовијата Брашов во една подоцна фаза, но во моментов не се почитуваат законските процедури“, додаде министерот.
Според него, цената побарана од вон Хабзбург е „непристојно висока“ и далеку ја надминува реалната вредност на замокот.
Лоциран на околу 200 км северно од Букурешт и прв пат документиран во ноември 1377-та година, замокот на Дракула е една од најголемите туристички атракции во Романија.
Се верува дека Влад Тепеш, или Влад Набодувачот на колци, кој бил роден во 1431-та година и владеел со Влахија три пати во периодот помеѓу 1448-та и 1476-та година, живеел таму извесно време. Грофот, кој стекна светска слава преку романот од 1897-та година на Брам Стоукер „Дракула“, го добил својот прекар заради неговата навика да ги погубува заробените Турци, како и другите противници, набодувајќи ги на дрвени колци.
Лиа Трандафир, партнер на правната фирма Рубин, Мејер, Дору&Трандафир со седиште во Букурешт, која ги застапува сопствениците, во понеделникот соопшти за новинската агенција Блумберг дека, без оглед на тоа кој ќе го купи замокот, тој ќе мора да остане музеј три години по купувањето.
„Овој замок не може да бид лош бизнис, без оглед на тоа кој ќе го купи, заради симболите поврзани со него“, рече Трандафир. „Во моментов тој е единствениот музеј во Романија кој се финансира сам и прави профит.