Хрватска и Србија ќе соработуваат во судењето на воените злосторници

07/11/2006

Новиот договор потпишан помеѓу хрватските и српските обвинители е последниот знак на нормализирани врски.

Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Белград - 07/11/06

Хрватска и Србија официјално се согласија да соработуваат во изведувањето на воените злосторници пред лицето на правдата. По двегодишна заедничка работа на одредени случаи, обвинителите од двете земји се состанаа неодамна во Загреб за да го потпишат договорот чија цел е надминување на пречките во соработката. Овој потег е последен знак за нормализираните врски.

Во двете земји властите се спречени со закон да ги предаваат своите граѓани на друга земја. Исто така, невозможно е да се предаде судењето на воените злосторства на друга земја. Поради овие ограничувања, неопходно е да се најде друг начин за зајакнување на соработката.

Со новиот договор, секоја страна ќе биде известена во рок од 30 дена во случај обвинет за воени злосторства да се наоѓа на нејзина територија. Јавните обвинители ќе се информираат меѓусебно во рок од три месеци од добивањето информации во врска со случаите на воени злосторства.

„Ќе обрнеме внимание на фактот дека во секоја земја се извршени воени злосторства и дека оние кои ги извршиле живеат во друга земја, каде што не ги извршиле воените злосторства, и дека со тоа бегаат од правдата“, рече хрватскиот обвинител Младен Бајиќ. „Ние сме сигурни дека двете страни ќе ги обезбедат оние случаи за кои имаат доволно материјал за судење во другата земја.“

Потпишувањето на договорот е резултат на довербата воспоставена помеѓу институциите на двете земји, рече српскиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ.

„На овој начин ќе ги отстраниме бариерите и границите за сите кои бегаат од правата и законот и кои извршиле воени злосторства“, рече тој.

Она што беше незамисливо сега е редовна практика. Хрватскиот и српскиот јавен обвинител веќе тесно соработуваа за неколку случаи, вклучувајќи ги и случаите на Овчара и Осиек. Во првиот случај им се суди на обвинетите во Србија за масакрот на стотици Хрвати и несрпско население надвор од Вуковар во ноември 1991 година.

Во вториот случај, неколку луѓе -- меѓу кои и истакнатиот политичар Бранимир Главаш -- се под истрага во Хрватска во врска со тортурата и убивањето на Србите во Осиек, исто така во 1991 година.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас