19/09/2006
Серија инциденти во спорната погранична област ги подигна тензиите во последните недели помеѓу двете поранешни југословенски републики.
Кристина Цук за Southeast European Times во Загреб – 19/09/06
По прогласувањето на независност од поранешна Југославија на почетокот од 1990-тите, Хрватска и Словенија не можат да се договорат за неколку територијални прашања. Во последниве недели се зголеми бројот на инцидентите долж нивната спорна граница на реката Мура, подигајќи ги тензиите помеѓу двата соседи.
Во едниот инцидент, словенечката полиција ги спречи хрватските работници да сечат дрва на левиот брег од Мура, на земјиште кое Хрватска го смета за свое. Словенија тврди дека сопствениците на земјиштето се словенечки државјани и дека Хрватска се обидува да ја „загрози“ спорната државна граница.
На шестиот ден од ќор-сокакот, хрватскиот премиер Иво Санадер и неговиот словенечки колега, Јанез Јанша, се состанаа на границата, при што словенечката полиција се повлече. Во заедничкиот договор премиерите се согласија реконструкцијата да биде спроведена земајќи ги предвид правата на сопствениците, под надзор на хрватски и словенечки претпријатија. Двете влади ќе го финансираат проектот.
„Изградбата на брегот на Мура ќе биде спроведена во духот на соработка и европска солидарност“, изјави Санадер за Јутарњи лист.
Но, веднаш по решавањето на оваа криза, се појави друга. Хрватската полиција уапси неколку словенечки новинари кои беа во посета на северната погранична област за да подготват извештај за заедничките словенечко-хрватски полициски патроли.
Словенечката полиција потоа зазеде позиции во спорната погранична зона во близина на селото Хотижа, сечејќи ги дрвјата, подигнувајќи бетонски бариери и воспоставувајќи контрола во прекуграничниот сообраќај. И овој инцидент мораше да биде решен со посредство на Санадер и Јанша.
Потоа во понеделник, словенечката полиција ги спречи работите на хрватската железница во близина на Хотижа, велејќи дека градежните работи ја нарушуваат словенечката територија. Министерствата во двете земји се вели дека ќе работат на ова прашање.
Пограничната зона на Мура не е единствената точка на поврзување помеѓу Хрватска и Словенија. Тие, исто така, имаат несогласувања за нивната поморска граница во Пиранскиот Залив, како и за голем број други прашања, како што се малцинските права и долговите на Љубљанска банка кон хрватските клиенти.
Исто така, двете земји се во конфликт и во врска со начинот на решавање на овие проблеми. Хрватска се залага за меѓународна арбитража, додека Словенија претпочита билатерално решавање.