Недостатокот на вода во Хрватска му штети на туризмот

01/08/2006

Немањето на соодветна инфраструктура доведува до недостаток на вода во главните туристички центри во Хрватска, што наметнува потреба од рационализација на водата и ги одвлекува посетителите.

Од Кристина Чук за Southeast European Times во Загреб – 01/08/06

Во шпицот на туристичката сезона, крајбрежните региони на Хрватска ги мачи проблемот со недостатокот на вода. Врнежите во Далмација се оскудни, а постојните системи за водоснабдување се несоодветни за големите населби и не можат да ги задоволат потребите на големиот број луѓе што доаѓаат.

Како резултат на тоа, во некои области се врши рационализација на водата. Најлоша е ситуацијата на Паг, остров во централна Далмација. Таму, локалните администрации се караат меѓусебно поради водоснабдувањето во одредени области на овој остров.

Во една област, користењето на водата е ограничено од 11 часот изутрина до 5 часот попладне, додека во една друга област, луѓето и понатаму ги наводнуваат градините и ги мијат улиците.

Паг вообичаено привлекува десетици илјадници туристи. Но, ова лето, некои заминаа. Гостите не сакаат да плаќаат апартман или хотел каде што не можат да се истушираат. За да се поправи ситуацијата, војската започна да носи вода од други хрватски градови. Властите сега ги канат туристите да се вратат.

Како резултат на тоа, сега засега е избегната криза. На подолгорочен план проблемот ќе мора да биде решен со подобрување на водоводниот систем. Во спротивно, Хрватска може секоја година да очекува недостаток на вода и итни мерки, што не е добредојдена перспектива за земја која сака да ја развива својата туристичка индустрија.

Хрватскиот премиер Иво Санадер изрази солидарност со жителите на островот и нивните гости. Тој вети дека Паг наскоро ќе добие поддршка од владата и дека ќе биде изграден нов систем на водоснабдување.

И покрај тоа што е вообичаено за овој дел од Хрватска да се соочува со недостаток на вода, овој пат ситуацијата е најсериозна. Експертите велат дека е потребно поголемо планирање пред туристичката сезона, наместо само да се чека на следниот круг лути туристи и фрустрирани хотелски сопственици.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас