Македонски ученици ја освоија наградата на американскиот Стејт департмент

21/07/2006

Четворица македонски ученици беа наградени за веб-страницата посветена на проблемот со сиромаштијата на децата.

Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 21/07/06

Четворица ученици од основното училиште „Методија Митевски Брицо“ во Делчево, Македонија, се добитници на наградата што ја доделува американскиот Стејт департмент за веб-страници кои учат за важноста на меѓународните односи и дипломатијата.

Ана Ѓорѓиевска, Елена Ѓорѓиевска, Зоран Димитровски и Жикица Поповски, веб-дизајнерите на страницата, ќе добијат по 2.000 американски долари, а нивната наставничка Роза Стаменковска и училиштето ќе добијат по 500 американски долари.

Учениците се добитници на Платинската награда на натпреварот Врати на дипломатијата 2006. Нивната веб-страница, fightpoverty.mmbrico.com, се фокусира на сиромаштијата на децата и начините на кои меѓународните односи може да ги решаваат проблемите што придонесуваат за неа.

„Нашето училиште учествува во неколку проекти и еден од нив е проектот за поврзување на училиштата преку Интернет, од кој ние дознавме за натпреварот за веб-дипломати“, рече Стаменковска. „Минатата година работевме на проектот „Сите заедно -- Обединет свет“, за кој добивме пофалница. Оваа година повторно аплициравме и направивме проект кој третира една помалку глобална тема, сиромаштијата, со посебен акцент на сиромаштијата на децата.“

„Веб-страницата има повеќекратна цел: подигање на свеста кај постарата популација, намалување на сиромаштијата преку презентација на последиците и обединување на сите млади луѓе во осмислувањето на заедничко решение кое ќе биде пренесено на која било влада во светот“, рече Стаменковска.

По веста за наградата, учениците и Стаменковска беа примени од претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Владо Бучковски.

Вкупно 305 тимови ученици -- на возраст од 15 до 18 години -- од 46 земји зедоа учество на натпреварот, спонзориран од Global SchoolNet Foundation и американскиот Стејт департмент. Заедно со учениците од Делчево и учениците од Florida Virtual School во Орландо, Флорида, ја освоија Платинската награда за нивната веб-страница „Златни мостови: Поврзување на луѓето со мирот“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас