Албанија потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ

13/06/2006

Како редок пример на политичкото единство, албанската владејачка коалиција и претставниците на опозицијата допатуваа во Луксембург заедно за потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана – 13/06/06

Албанската владејачка коалиција и членовите на опозицијата ги оставија дома своите политички разлики и во понеделникот (12-ти јуни) отпатуваа за Луксембург, каде што го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Договорот, кој се смета за пресвртница на албанскиот пат кон членството во ЕУ, го содржи пакетот политички и економски критеруми кои властите во Тирана се очекува да го исполнат.

„Ние го поздравуваме континуираниот напредок на Албанија во реформите, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата и организираниот криминал“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. „Сепак, Албанија сé уште се соочува со тешки реформски предизвици. Договорот за стабилизација и асоцијација има за цел да обезбеди цврста рамка за Албанија во решавањето на овие предизвици и за ЕУ во поддршката на тој пат.

Континуираното спроведување на договорот ќе биде од суштинска важност за разгледување на понатамошните официјални чекори кон влезот во ЕУ, додаде Рен.

Премиерот Сали Бериша, пак, рече дека потпишувањето на ДСА претставува „голема обврска за сите Албанци“ и рече дека истиот го означува крајот на 15-годишниот период на транзиција од комунизам на земјата.

„Ова што го потпишуваме со ЕУ е договор. Тоа е најсериозниот договор што сме го потпишале досега во нашата историја, со нациите на овој континент. Нашата обврска е точно да се држиме до договорот. Јас им гарантирам на албанските граѓани дека владата останува отворена за соработка со сите политички партии, групи на интерес и со граѓаните. Ние ќе ги спроведеме реформите и ќе го имплементираме ДСА“, рече Бериша.

Покрај Бериша, министерот за надворешни работи, Бесник Мустафај, и другите членови на кабинетот, во албанската делегација бил и претседателот на парламентарната група на Социјалистичката партија, Пандели Мајко, поранешната министерка за интеграција, Ермелинда Мекси, и други претставници од опозицијата. Покажано е единство ретко за албанската политика, се вели во извештаите на медиумите.

Албанското собрание одржа специјална седница за да го поздрави договорот, додека потпишувањето беше пренесувано во живо на голем екран во зградата од парламентот. Учениците од различни училишта во Тирана се придружија на прославата.

ДСА со Албанија е потпишан пет години откако Брисел потпиша слични вакви договори со Хрватска и Македонија. Двете земји сега станаа официјални кандидатки за членство во ЕУ.

Албанија се очекува да има економски профит од договорот. Сепак, граѓаните најнестрпливо ја чекаат шансата за либерализација на визниот режим и слободното движење.

Албанскиот парламент и Европската комисија (ЕК) најверојатно ќе го ратификуваат договорот во јули. Истиот мора да биде ратификуван и од сите 25 земји-членки на ЕУ. Процесот се очекува да трае најмалку две години.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас