07/06/2006
Земјите од Југоисточна Европа вложија значителни напори во борбата против трговијата со луѓе во 2005 година, но треба да сторат повеќе за исполнување на мининалните стандарди, се вели во извештајот на американската влада објавен во понеделникот.
(Вашингтон фајл, АП, Ројтерс, РФЕ/РЛ, УПИ, ДТТ-НЕТ, Софиска новинска агенција - 06/06/06; американски Стејт департмент - 05/06/06)
И покрај тоа што изрази пофалби за поголем дел од нациите во Југоисточна Европа во однос на нивните напори во борбата против трговијата со луѓе во текот на изминативе 12 месеци, американската влада побара од сите земји во регионот да сторат повеќе.
„Трговијата со луѓе претставува незаконска индустрија на принуда, потчинување и експлоатација на најранливите луѓе за профит и лична добивка“, рече во понеделникот (5-ти јуни) американскиот државен секретар Кондолиза Рајс по објавувањето на годишниот Извештај за трговијата со луѓе на Стејт департментот. Трговијата со луѓе претставува „голем морален повик на нашето време“, додаде таа.
Извештајот за 2006 година ги рангира 149 нации во една од четирите категории, врз основа на напорите за контрола на трговијата со луѓе, судско гонење на вмешаните и обезбедување помош за жртвите.
Во Групата 1 се рангирани земјите за кои се смета дека ги исполнуваат „минималните стандарди за елиминирање на тешките форми на трговијата со луѓе“ и во неа се опфатени само 26 нации, две повеќе од извештајот во 2005 година. Сите земји на ЈИЕ, освен Кипар, се во Групата 2. Оваа категорија ги вклучува нациите кои покажуваат посветеност на решавањето на нивните проблеми со трговијата со луѓе, но сé уште не ги исполниле меѓународните стандарди.
Кипар -- првенствено земја-дестинација -- е ставена во Групата 2 на Листата за набљудување поради тоа што „не покажа докази за зголемени напори за решавање на својот сериозен проблем со сексуалната експлоатација“. Во извештајот се критикува владата за неискористување на својата легислатива против шверцот, за активно спроведување на нејзиниот Национален акционен план и официјално отворање на засолниште за жртвите.
„Владата треба веднаш да й даде јасен политички приоритет на борбата против трговијата со луѓе“, се вели во документот и се бара од властите да започнат со судење за кривично дело трговија со луѓе. Друга препорачана мерка е значително намалување на бројот на визите за „естрадните уметници“, за кои се смета дека ја олеснуваат сексуалната експлоатација на илјадници девојки и жени секоја година.
Благодарение на своите зголемени напори во борбата против трговијата со луѓе, Грција го подобри својот рејтинг, и беше префрлена од Групата 2 на Листата за набљудување, во Групата 2 на минатогодишниот извештај, заедно со 78 други земји во оваа група.
Заедно со Таџикистан, во делот на извештајот за 2006 година на Меѓународни најдобри практики се изразуваат пофалби за други две земји од Југоисточна Европа -- Босна и Херцеговина (БиХ) и Романија -- за нивните активности во борбата против трговијата со луѓе во текот на изминативе 12 месеци. Повеќето рации во БиХ -- земја на потекло, транзитна земја и земја-дестинација за жените и девојките кои се користат за сексуална експлоатација -- резултираа со спасување на 26 жртви и апсење на најмалку 14 трговци со луѓе.
Романија, земја на потекло и транзитна земја, доби пофалби за својата соработка со приватните истражувачи во најсеопфатниот извештај за трговијата со луѓе во земјата објавен до денес.
Од другите земји во ЈИЕ, Бугарија и Србија и Црна Гора се опишани како земји на потекло, транзитни земји и земји-дестинации за жените и девојките кои се користат за сексуална експлоатација, додека Хрватска е земја на транзит и сé повеќе земја на потекло и земја-дестинација.
Македонија е земја на потекло, транзитна земја и, во помал степен, земја-дестинација за жените и децата жртви на сексуалната злоупотреба, а Турција е голема земја-дестинација и транзитна земја за жените и децата кои првенствено се шверцуваат за сексуална злоупотреба, а во помал степен и за принудна работа.
На Албанија се гледа пред сé како на земја на потекло на трговијата со жени и деца за сексуална експлоатација и принудна работа.
„Заштитата на непроменливите потреби на човечкото достоинство претставува еднаков повик на секоја земја и секој мора да ги задржи истите високи стандарди на моралното однесување, вклучувајќи ги и САД“, рече Рајс во понеделникот. „Ние во Америка признаваме дека сме, исто така, земја-дестинација за жртвите на трговијата со луѓе и преземаме мерки за побрзо доаѓање на денот кога на ниту еден маж, жена или дете нема да им бидат негирани нивните права и нивната заедничка човечност на американска почва.“