Ердоган ветува поголеми демократски права за Курдите

05/04/2006

По еднонеделните судири помеѓу прокурдските демонстранти и владините сили, турскиот премиер вети поголеми слободи и права, истовремено истакнувајќи дека владата нема да потклекне пред насилството.

(AФП, Турски дневни вести - 05/04/06; AП, Ројтерс, АФП, ББС, ВОА - 04/04/06)

Владата нема да потклекне пред насилството, рече во вторникот (4-ти април) турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган, по еднонеделните судири помеѓу прокурдските демонстранти и безбедносните сили, во кои загинаа 16 лица, меѓу кои имаше и деца.

„Никој не смее да се осмели да ја тестира моќта на државата или нацијата“, рече турскиот водач во своето обраќање до делегатите на неговата Партијата за правдата и развојот (АКП) за време на говорот во парламентот.

Турција ја обвини забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) за организирање на насилството, кое изби во југоисточниот дел од земјата, претежно населен со Курди, на 28-ми март и се рашири до Истанбул истата недела. Демонстрациите, на кои учествуваа илјадници Курди, уследија по погребите на 14 милитанти на ПКК кои загинаа во судирите со армијата, разгорувајќи ги стравувањата за обновување на етничкото насилство од 1990-тите.

Во петнаесетгодишната вооружена кампања на ПКК за самоуправа во југоисточниот дел од земјата загинаа повеќе од 30.000 лица. По крајот на конфликтот во 1999 година, кога групата прогласи унилатерален прекин на огнот, следеше петгодишен период на релативен мир. Сепак, групата прогласи прекин на примирјето во 2004 година.

ПКК, позната и по своето ново име Конгра-Гел, Турција, ЕУ и САД ја сметаат за терористичка група.

„Ние ја повторуваме својата силна осуда на сите терористички групи, вклучувајќи ја и ПКК“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент, Адам Ерели, во понеделникот, истовремено изразувајќи го жалењето на Вашингтон поради загубените животи во протестите на поддржувачите на ПКК. Истовремено, САД ги повикаа сите страни на воздржаност.

Во вторникот комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, ги повика турските власти да „се воздржат од прекумерна употреба на сила“.

Во својот говор пред пратениците на АКП во вторникот, Ердоган рече дека неговата влада нема да потклекне пред терористите и му вети на курдското малцинство повеќе демократија, инвестиции и реформи.

„Додека тие се обидуваат да профитираат од омразата и непријателството, ние ќе градиме нови патишта, нови хотели, нови училишта и нови работни места“, рече Ердоган. „Ние нема да се откажеме од правата и демократијата. Ќе донесеме повеќе слободи, повеќе демократија, поголема благосостојба, повеќе права и правда.“

Ниту една земја не може да го толерира насилството како политички инструмент, додаде тој.

„Тие предавници повторно се појавија бидејќи знаат дека го губат тлото под нозете и дека можат да бидат закопани во историјата“, рече Ердоган, мислејќи на ПКК. „Ова се нивните последни немири.“

Турските безбедносни сили пронајдоа 10 килограми пластичен експлозив на гробиштата во истанбулската област Есенјурт, објави во средата АФП, цитирајќи ја изјавата на канцеларијата на истанбулскиот гувернер. Експлозивот се вели дека се користел во минатото главно од страна на ПКК и фракцијата Курдистански соколи на слободата.

Отфрлајќи ги критиките од прокурдската Партија за демократско општество (ДТП), Ердоган ги повика да ја прогласат ПКК за терористичка организација, велејќи дека тој нема да се состане со водачите на партијата додека не се случи тоа.

„Овие терористи се плашат од мирот“, рече тој. „Тие се хранат со омразата. Ги повикувам сите да му се спротивстават на тероризмот. Владата е силна. Оние што гледаат во сочувството на државата слабост, грешат.“

Но, ДТП ги критикува турските безбедносни сили дека придонесуваат за ескалација на насилството. Во изјавата од вторникот партијата, исто така, повика на отстранување на прагот од 10 отсто гласови што политичките партии мора да го поминат за да имаат свои претставници во парламентот.

Со отстранувањето на овој праг, вели партијата, ќе се обезбеди „фер застапеност на Курдите“ во националниот парламент.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас