10/03/2006
Албанските власти во средата рекоа дека тестовите на кокошката што беше пронајдена мртва во едно јужно село биле позитивни за присуството на птичјиот грип Х5Н1. Иако нема потреба од паника, велат тие, луѓето треба да ги почитуваат чувстителните хигиенски правила. Во меѓувреме, владата презема заштитни мерки.
Од Ерлис Селиман за Southeast European Times во Тирана -- 10/03/06
Албанија во средата (8-ми март) го потврди својот прв случај на вирусот Х5Н1 на птичјиот грип. Според Министерството за земјоделство, кокошката пронајдена во Цуке, јужна Албанија, била заразена со смртоносниот вирус.
Тестовите на примероците испратени во Велика Британија се позитивни, им соопшти на новинарите министерот за земјоделство, Јемин Ѓана. „Ние ги добивме резултатите во четвртокот вечер. Нема потреба за паника. Испративме оперативна група во Саранда, во која има и странски експерти, додека областа е ставена под карантин во радиус од 3 километри“, рече Ѓана.
„Почнувајќи од сега, ние се сомневаме дека 60-те кокошки пронајдени мртви во областа Цуке кај Саранда, во близина на лагуната Бутринти, би можеле да имаат птичји грип. Во тек се тестирањата на уште илјада птици“, рече тој.
Според Институтот за ветеринарни испитувања (ИКВ), Албанија е опкружена со земји во кои се појави птичјиот грип и е на патот на миграционите птици.
„Миграционите птици е можно да го донеле вирусот од Грција. Ние сметаме дека вирусот не е пренесен на луѓе“, рече директорот на ИКВ, Дашамир Џаџиу.
Албанските државни структури се ставени во состојба на готовност. На состанокот на владата премиерот Сали Бериша се обиде да ја смири јавноста. „Сакам да биде јасно: нема епидемија на птичји грип, туку само еден спорадичен случај“, рече Бериша. „Неговото откривање во Албанија е резултат на професионалната работа на нашите оперативни сили и нема потреба од паника“, додаде тој.
Бериша, кој е лекар по професија, го повика населението да ги следи основните хигиенски правила, како што се честото миење на раце, како и да се вари пилешкото месо на температура над 70 степени целзиусови.
Претходно оваа година Албанија ги засили заштитните мерки против птичјиот грип. Увозот на пилешко, живина и прехранбени производи од земјите каде што се појави болеста досега, беше намален. Формирано е оперативно тело од страна на министерот за здравство во земјата, кое ќе се занимава со евентуалните случаи на птичји грип и ќе подготви стратешка програма во случај на појава на истиот.