15/02/2006
Главниот економист на централната банка на Црна Гора, Николас Фабрис, на крајот од изминатата година оцени дека 2005 година ќе заврши со една од најниските стапки на инфлација во регионот. Бројките покажуваат дека неговите предвидувања биле точни.
Од Антонела Архин за Southeast European Times – 15/02/06
Стапката на инфлација во Црна Гора во 2005 година, која беше предвидено дека ќе биде најниска во регионот, црногорскиот Завод за статистика минатиот месец објави дека изнесувала 1,8 отсто -- дури и пониско од очекуваното. Сепак, животните трошоци во земјата се зголемиле за 2,3 отсто во споредба со изминатата година.
Заводот за статистика, исто така, објави дека платите на црногорските работници се зголемиле за 6,7 отсто според реалните услови во текот на 2005 година, додека просечната нето плата се зголемила за 9 отсто во споредба со 2004 година.
Податоците ги потврдија оптимистичките предвидувања на главниот економист на црногорската централна банка, Никола Фабис, на крајот од минатата година. Во извештајот за првите девет месеци од 2005 година тој предвиде годишна инфлација помеѓу 1,9 и 2,7 отсто. Според Фабрис во оваа година е регистриран зголемен раст во индустриското производство, туризмот, шумарството и архитектурата. Малопродажните цени се намалија, додека БДП се зголеми за 3,8 отсто од јануари до ноември -- додека зголемувањето за годината изнесуваше 4 отсто.
Со намалувањето на каматните стапки и зголемувањето на странските директни инвестиции за скоро шестпати, Црна Гора ги исполни сите мастрихшки критериуми. Макроекономската ситуација се смета за ветувачка. Во септември сите монетарни показатели ја достигнаа својата највисока точка од воведувањето на еврото.
Во однос на банкарскиот сектор, штедните влогови на граѓаните се зголемија за 122,5 отсто, а депозитите за 59 отсто во изминатата година. Увозот се зголеми за 10,7 отсто во споредба со 2004 година, додека извозот се намали за 7,5 отсто. Падот на производството во индустријата на челик влијаеше на овој сооднос, рече Фабрис. Во 2005 година намален е увозот на храна, животни, хемиски производи, пијалаци и цигари, а зголемен е увозот на минерални горива и автомобили.
Црногорските бројки се дијаметрално спротивни од оние на државната заедница. Србија и Црна Гора забележа стапка на инфлација од 15,6 отсто во 2005 година, многу повисока од проектираните 9,3 отсто. И покрај тоа што БДП се зголеми за 5,1 отсто, животните трошоци се дури и повисоки, односно се зголемени за 15,2 отсто. Експертите сметаат дека стапката на инфлација во Србија и Црна Гора ќе остане двоцифрена во 2006 година, и покрај официјалните предвидувања од 9,3 отсто.
Двете конститутивни републики во Србија и Црна Гора имаат одделни економии. Црна Гора подоцна оваа година ќе одржи референдум за целосно отцепување од државната заедница, која ја замени поранешна Југославија пред три години.