28/12/2005
Судењето на шестмината обвинети за воените злосторства во босанскиот град Зворник во 1992 година е прв случај префрлен од Трибуналот на ОН во некој српски суд.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Белград – 28/12/05
На крајот од ноември започна судскиот процес за првиот случај досега префрлен од Трибуналот на ОН за воени злосторства на еден српски суд. Судењето на шестмината се смета за клучен тест за способноста на српското судство да спроведува случаи на воени злосторства.
Шеесетиедногодишниот Бранко Грујиќ, поранешен градоначалник на североисточниот босански град Зворник, е обвинет за убиствата на најмалку 22 муслимани во 1992 година и протерување на 1.822 други. Обвинет со него е и поранешниот командант на територијалната одбрана, пеесетиседумгодишниот Бранко Поповиќ, како и четворица припадници на паравоената група „Жолти стршлени“ - четириесетитригодишниот Драган Славковиќ, триесетитригодишниот Иван Корач, триесетиедногодишниот Синиша Филиповиќ и триесетипетгодишниот Драгутин Драгичевиќ. Сите се изјаснија за невини.
Според обвинението, Грујиќ и Поповиќ не ја спречиле кампањата на „Жолтите стршлени“ на убиства, силувања и други злосторства против муслиманските цивили откако српските сили го зазедоа етнички мешаниот град Зворник во април 1992 година. Раководството на локалната Српска демократска партија, со помош на припадниците на паравоената група, спроведе систематска кампања на депортации и конфискување на имотот против муслиманското население во градот, како и во соседните села.
Грујиќ, кој по етничкото чистење на Зворник за новинарите изјави дека „никогаш немало ниту една џамија во градот“, сведочеше дека не знаел за злосторствата. Како претседател на привремената општинска власт, рече Грујиќ, тој само дознал два или три дена подоцна дека мажите биле издвоени и дека полицијата во Зворник му рекла оти тие ќе бидат ослободени за да одат во Србија.
Сведоците во случајот добија заштита во согласност со условите на Хашкиот трибунал. Идентитетот на некои ќе биде заштитен за време на судскиот процес и ќе се користат иницијалите на нивните имиња. Ова е практика која се применува во Србија за првпат. Главната грижа на судовите е можноста новинарите да ги откријат идентитетите на заштитените сведоци, како што неодамна се случи во Хрватска. Утврдени се казни за секој оној што ќе го стори тоа.
„Ситуацијата во Босна и Херцеговина (БиХ) е сé уште релативно сериозна и напната, така што тешко може да се очекува дека некој што сведочи за нешто што знае ...ќе може да се врати во БиХ и слободно да се движи таму“, српските медиуми го цитираа Мехмед Праган, новинар на весникот Слободна Боснa.