Во тек е првата фаза од разговорите за членство во ЕУ со Хрватска и Турција

21/10/2005

Европската комисија во четвртокот ја започна анализата на хрватските и турските закони -- прва фаза во преговорите за пристап со овие две земји, која се очекува да трање околу 11 месеци.

(Еурактив, Ајриш тајмс - 21/10/05; AФП, АП, Ројтерс, ЕУобсервер, SEE Security Monitor, Тркиш прес, Турски дневни вести - 20/10/05)

Седумнаесет дена по одлуката на земјите-членки на ЕУ за отворање на преговорите за пристап со Хрватска и Турција, Европската комисија (ЕК) во четвртокот (20-ти октомври) ја започна анализата на законите на двете земји.

Оваа прва фаза во процесот на разговорите се очекува да заврши за околу 11 месеци. Потоа ќе започнат и преговорите за 35-те поглавја во врска со конкретни подрачја.

За време на заедничкиот состанок во четвртокот, официјалните претставници на ЕК го објаснија таканаречениот acquis communautaire -- кој содржи 80.000 страници закони -- и ги информираа делегациите на двете земји за процедуралните прашања. Потоа започна анализата за едно од релативно полесните поглавја, кое ги опфаќа науката и истажувањето. Образованието и културата се избрани за второ поглавје, чија анализа, наводно, треба да започне на 26-ти октомври.

За време на втората фаза, која се очекува да започне подоцна оваа година, хрватските и турските државни закони ќе бидат анализирани на билатерални состаноци.

За време на процесот на анализа од земјите-кандидати ќе се бара да обезбедат детални планови за доближување на нивните национални закони до оние на ЕУ. Практичното спроведување на овие планови ќе биде ставено под мониторинг и проценка од страна на ЕУ.

Следната фаза во процесот на разговорите за членство ќе започне кога ЕУ ќе реши да отвори преговори за првите 35 поглавја. Врз основа на анализата, ЕК може да препорача започнувањето на разговорите за некои од поглавјата да биде условено со исполнувањето на одредени конкретни барања.

Поглавје од преговорите може да биде отворено и затворено само со согласност од страна на сите 25 земји-членки на ЕУ. Но, затворање на едно поглавје од преговорите не е предуслов за отворање ново, така што истовремено може да течат преговорите за неколку различни поглавја. Според извештаите, првото поглавје на преговорите -- најверојатно, науката и истажувањето -- би можело да биде отворено уште во декември.

Хрватска се надева дека ќе може да отвори уште шест други поглавја на преговорите оваа година: култура и образование, јавни набавки, конкурентост, слобода за обезбедување на услуги, слободно движење на капитал и земјоделство.

Цитирајќи официјални претставници на ЕУ, АП објави дека одбивањето од страна на Турција да го вклучи Кипар во правилата што се однесуваат на слободното движење на стока во рамките на блокот би можело да предизвика оддолжувања во нејзиниот преговарачки процес. Турција не ја признава администрацијата на кипарските Грци и не им дозволува пристап на кипарските бродови и авиони до своите пристаништа и аеродроми, иако потпиша протокол за проширување на својот царински договор со Унијата на нејзините десет нови земји-членки, вклучувајќи го и Кипар.

Турскиот министер за надворешни работи, Абдула Ѓул, во четвртокот укажа дека Анкара наскоро би можела да ја промени својата позиција.

„Ние ќе предложиме да се стави крај на сите ограничувања на островот Кипар“, рече Ѓул.

Хрватска се надева дека ќе ги заврши своите разговори за членство до 2009 година, додека преговорите со Турција се очекува да траат најмалку една деценија. И хрватските и турските официјални претставници укажаа на тоа дека не сакаат да брзат само за да ги завршат преговорите што е можно побргу.

„Наш приоритет во преговорите ќе биде квалитетот, а не крајните рокови“, рече хрватскиот премиер Иво Санадер. „Навистина се исплати напорно да се работи на преговорите, со цел да си обезбедиме подобра иднина.“

Главниот турски преговарач со ЕУ, министерот за економија, Али Бабаџан, го нарече состаноците во четвртокот во Брисел „прв чекор на долгиот пат“ за својата земја.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас