20/09/2005
Црногорските власти се заканија дека ќе ги напуштат институциите на заедницата поради притисокот на српскиот министер за финансии, Млаѓан Динкиќ, врз претседателот на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ. Властите велат дека Маровиќ е најодговорен за контроверзниот договор за набавка на воена опрема.
Од Јелена Тусуп за Southeast European Times во Белград – 20/09/05
Претседателот на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ во понеделникот (19-ти септемри) свика итен состанок на највисокото раководство на земјата, со цел да ги ублажи тензиите предизвикани поради скандалот со набавката на воена опрема кој веќе со недели е присутен во јавноста.
Српскиот министер за финансии, Млаѓан Динкиќ, за кого властите велат дека е одговорен за изнесување во јавноста на контроверзниот договор, со прст покажа на Маровиќ, разлутувајќи ги со тоа црногорските власти. Маровиќ, кој е Црногорец, навести дека е можно да поднесе оставка. „Веќе долго време не се чувствувам пријатно на оваа функција и тоа секој ден станува сé полошо“, рече тој. „Ако ви е потребна жртва во име на добрите односи помеѓу Србија и Црна Гора, јас се согласувам на тоа.“
Договорот вреден 300 милиони евра - со едно приватно претпријатие - вклучува порачки за предмети како што се 500 пилотски јакни за воздухопловните сили во кои има 75 пилоти и 69.000 панцири и 74.000 шлемови за воените сили од околу 28.000 припадници, што доведе до обвинувања за корупција.
Сопственикот на претпријатието, Миле Драгиќ, во понеделникот беше уапсен за наводен обид за подмитување на претставниците на Министерството за одбрана, додека тројца армиски офицери се обвинети за примање мито, објави белградскиот канал Б92.
Во четвртокот црногорските фунционери се заканија дека ќе ги напуштат институциите на државната заедница на Србија и Црна Гора во Белград и ќе се повлечат во Подгорица. Белградските медиуми во петокот шпекулираа дека шефот на кабинетот на Маровиќ, Вуле Томашевиќ, предупредил оти ќе има повлекување ако некоја независна меѓународна институција не го реши скандалот.
Ако Црна Гора го оствари ова, државната заедница ќе престане да функционира, со оглед на тоа што претседателот и некои министри од Црна Гора, како и собранието на државната заедница не можат да носат одлуки без гласачкото мнозинство од Црна Гора.
Во неделата црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ ја повтори заканата, обвинувајќи ја српската влада за „спроведување на насилство врз институциите на државната заедница, обидувајќи се да ја контролира власта на државната заедница“. Српската влада ги отфрли обвинувањата, велејќи дека „само државниот обвинител може да го реши случајот со набавката на воена опрема“ и ги повика сите да избегнуваат политички расправии.
Ѓукановиќ, исто така, ги обвини српските политичари дека го користат скандалот за да ја прогласат српската независност пред референдумот за државната заедница, планиран за следната година. Г-17 Плус на Динкиќ се залага за независност на Србија од 2003 година.
На 10-ти октомври Србија и Црна Гора треба да го потпише Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, што ќе претставува уште еден чекор напред кон европската интеграција.
Белградскиот професор по правни науки Стеван Лилиќ изјави за SE Times дека скандалот би можел сериозно да му наштети на тој процес и би можел да има штетни последници за Србија бидејќи „Србија има за решавање повеќе проблеми отколку Црна Гора, вклучувајќи ја и соработката со Хашкиот трибунал, решавањето на статусот на Косово и корупцијата во судството“.