Албанија им се додворува на странските инвеститори

08/08/2005

Албанија треба допрва целосно да го реализира својот потенцијал за странските инвестиции, велат аналитичарите. Сепак, претпријатијата сé повеќе ја забележуваат поволната географска положба на земјата, близината до Грција и Италија, како и работната сила.

Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана -- 08/08/05

Странските претпријатија во Албанија учествуваа со околу 145 милиони евра во директните инвестиции -- околу 48 евра за секој Албанец -- на земјата во текот на изминатата година, како што покажуваат официјалните податоци. Претпријатијата претежно се со седиште во Грција и Италија -- двете земји со кои Албанија има највисоки нивоа на увоз и извоз.

Вкупната висина на станските инвестиции изнесува 242 милиони евра, како што покажуваат податоците. Во ова е вклучена и приватизацијата на Сејвигс бенк Албанија, која беше купена од австриската Рајфајзен за 97 милиони евра.

Повеќе од седум години економијата е во пораст, со просечна стапка на БДП од 6 отсто -- повисока стапка од каде и да е во регионот. Таквиот импресивен раст во голема мера беше резултат на контролата на инфлацијата, која се чуваше на нивото помеѓу 2 и 4 отсто.

Истовремено географската положба и работната сила во Албанија се покажаа како привлечни за претприемачите и инвеститорите. Голем број производни претпријатија, на пример, ги отворија своите фабрики во Албанија, при што материјалите се увезуваат од странство, а потоа конечниот производ се извезува на меѓународните пазари. Голем број италијански претпријатија покажаа интерес за албанската рударска индустрија.

Истовремено, приватизацијата и понатаму е можност за инвестирање. На средината од јуни владата потпиша договор со еден турски конзорциум за продажба на 76 отсто од албанското државно претпријатие за телефонија Албтелеком. Договорот од 120 милиони евра, исто така, вклучува и дозвола за трет мобилен оператор во земјата. Сепак, пред да може да се спроведе, договорот мора да биде одобрен од новиот парламент, изгласан на изборите на 3-ти јули.

Албанија има потенцијал за привлекување дури и до 2,6 милијарди евра во странски директни инвестиции, како што покажа неодамнешниот извештај на ММФ. Досега поголем дел од овој потенцијал не е реализиран, односно од 1992 година досега инвестирани се помалку од 1 милијарда евра. Сепак, со преземањето на чекори за воспоставување на поволна бизнис клима во земјата, ситуацијата се менува.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас