09/06/2005
Изразувајќи ја поддршката на неговата земја за брзо решавање на прашањето за статусот на Косово, американскиот државен потсекретар за политички прашања, Николас Барнс, во средата рече дека континуираната ситуација повеќе не е прифатлива.
(Блиц - 09/06/05; Ројтерс, ДПА, Kosovareport.org, ББС Мониторинг, Радио Б92 - 08/06/05; американски Стејт департмент - 03/06/05)
САД го поддржува отворањето на разговори за одредување на идниот статус на Косово оваа есен, рече висок американски функционер во Приштина во средата (8-ми јуни), истакнувајќи дека продолжувањето на сегашната несигурност повеќе не е прифатлива.
„Дојдов во Приштина за да разговарам со владата и политичките водачи за иднината, бидејќи ова е решавачка година за Косово“, рече американскиот државен потсекретар за политички прашања, Николас Барнс, за време на еднодневната посета на провинцијата со која управуваат ОН. Истакнувајќи дека „состојбата статус кво повеќе не е одржлива“ тој рече дека ставот на Вашингтон е „дека мора да се случи промена и дека таа ќе се случи во 2005 година“.
Меѓународната заедница нема да наметнува никакви готови одлуки, рече овој американски дипломат, додавајќи дека решението за косовскиот статус треба да се постигне преку дијалог и компромис.
„Косовските Албанци мора да бидат подготвени за компромис“, рече Барнс, третиот највисок функционер во хиерархијата на Стејт департментот за новинарите во Приштина по разговорите со политичките водачи на провинцијата. „Ние нема да наметнуваме решенија, ние нема да кажеме што поддржуваме како компромис, но ќе инсистираме на компромис.“
Посетата на Барнс е дел од неговата тридневна турнеја низ Балканот, за време на која ќе разговара околу американските напори за осигурување на долгорочна стабилност во регионот и интеграција во евроатланските институции, како и меѓународниот процес за одредување на идниот статус на Косово, се вели во соопштението на Стејт департментот пред посетата. Тој во вторник ќе го посети Сараево, а во четврток е во Белград на разговори со српските официјални претставници. САД се членка на телото од шест нации, познато како Контакт група за Косово.
За време на посетата на Приштина Барнс се состана со шефот на УНМИК Сорен Јесен-Петерсен, косовскиот претседател Ибрахим Ругова, опозициските водачи Хашим Тачи и Ветон Сурои и Оливер Ивановиќ, претставник на заедницата на косовските Срби.
Какви било разговори за одредување на иднината на Косово ќе започнат дури евентуалното добивање на позитивна оценка за напредокот на провинцијата во спроведувањето на меѓународно одобрените демократски стандарди. Генералниот секретар на ОН Кофи Анан неодамна го назначи норвешкиот амбасадор во НАТО Каи Еиде за свој специјален претставник за прегледот на стандардите, кој треба да започне следната недела. Тој се очекува да го претстави својот извештај пред ОН во рок од два месеци.
„Мојата влада смета дека е постигнат доволен напредок во исполнувањето на стандардите и ако Каи Еиде дојде до истиот заклучок ние ќе го охрабриме генералниот секретар на ОН Кофи Анан да свика преговори за крајниот статус оваа есен“, рече Барнс. „Нашиот став е дека Европеец треба да биде претседавач на преговорите бидејќи ова е европски проблем и Косово е дел од Европа. САД сигурно ќе бидат вклучени и ние со задоволство ќе му помагаме на европскиот посредник и ќе му понудиме Американец за заменик.“