31/03/2005
Додека судовите и обвинителите во Босна и Херцеговина вложуваат искрени напори да ги изведат обвинетите за воени злосторства пред лицето на правдата, и понатаму остануваат одреден бројот пречки за ефикасно водење на случаите дома, се вели во новиот извештај на ОБСЕ.
Од Светла Димитерова за Southeast European Times -- 31/03/05
Босна и Херцеговина (БиХ) постигна одреден напредок во водењето на случаите на воени злосторства што произлегуваат од конфликтот во периодот 1992-1995 година, се вели во новиот извештај на ОБСЕ. Но, властите и институциите мора да преземат понатамошни напори за да осигурат фер и ефикасно спроведување на правдата, според оваа организација.
„Овој извештај посочува како некои судови и обвинители вложуваат искрени напори за да ги изведат одговорните за воени злосторства пред лицето на правдата“, изјави на 23-ти март шефот на мисијата на ОБСЕ во БиХ, Даглас Дејвидсон, презентирајќи го овој документ. „Сепак, со забележаните недостатоци, сé уште има потреба за зајакнување на капацитетот. Тоа е клучно за владеењето на законот.“
Властите во БиХ поднесоа обвиненија против вкупно 5.789 осомничени воени злосторници пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) од 1996 година досега, според овој извештај. Хашкиот суд одобри 846 од овие случаи, засновајќи ја својата одлука на тоа дали има доволно докази.
Од одобрените случаи 41 завршија со конечна одлука, во кои 30 од вкупно 50 обвинети се осудени и им е одредена затворска казна во траење од шест месеци до 20 години. Седумнаесет други случаи, за 39 обвинети, добија пресуда во првата инстанца и моментно се во жалбена постапка или се повторуваат. Други 54 индивидуални или групни случаи против вкупно 94 обвинети достигнаа судска фаза и најмалку уште 44 случаи против 73 обвинети активно се истражуваат или се во фаза пред судски процес.
Извештајот на ОБСЕ од 74 страници беше објавен две недели по отворањето на судот за воени злосторства на државно ниво во БиХ. Судењето на преостанатите стотина помали случаи ќе биде во рамките на судовите под надлежност на двата ентитета во земјата - Федерацијата на БиХ и Република Српска - и окружниот суд во Брчко.
И покрај тоа што домашните судови во БиХ ја докажаа својата способност за водење на случаите на воени злосторства, политичката рамнодушност на пристрасните или непосветените власти и понатаму останува пречка за ефикасно водење на воени злосторства, заклучува ОБСЕ. Меѓу другите проблеми е и стравот на судиите и обвинителите за нивната лична безбедност, тешкотиите во пронаоѓањето и обезбедувањето на присуството на сведоците и обвинетите, како и несоодветните обврски, структури и процедури за прекугранична соработка во БиХ и во регионот. Прекумерното штедење на ресурсите, заостанатите случаи, недоволно обучениот персонал и радикалната промена на процедуралните акти, исто така, претставуваат предизвик за судовите, се вели во извештајот.
Според ОБСЕ, воспоставувањето на државните судови за воени злосторства, најверојатно, ќе има позитивно влијание врз работата на судовите на ентитетот. Во меѓувреме, тоа препорачува властите во БиХ и меѓународната заедница да ги решат проблемите со финансиските средства и да го зајакнат капацитетот за судските процеси за воени злосторства.
„Крајниот успех на овој процес на водење на судските процеси нема да зависи само од ефикасноста на новиот суд за воени злосторства, туку и од способноста на кантонските и окружните судови да ја исполнат својата улога за решавање на поголемиот број случаи на воени злосторства“, се вели во извештајот.