Драшковиќ оптимист во врска со физибилити студијата на ЕУ

16/03/2005

Министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Вук Драшковиќ, во вторникот во Брисел разговараше со комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, изразувајќи уверување по состанокот дека неговата земја наскоро ќе ги исполни барањата за добивање позитивна физибилити студија за пристап во ЕУ.

(АП, АФП, ББС, Радио Б92, Танјуг - 15/03/05)

Министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Вук Драшковиќ, во вторникот (15-ти март) изрази уверување дека неговата земја наскоро ќе ги исполни условите за градење на поблиски врски со ЕУ.

Во текот на следните неколку недели Унијата треба да издаде физибилити студија во врска со подготвеноста на Србија и Црна Гора за започнување на разговорите за стабилизација и асоцијација. Сепак, Брисел јасно даде до знаење дека позитивната оценка зависи од целосната соработка на земјата со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ). Тоа, исто така, претставува клучен услов за сите други потенцијални земји-кандидати вклучени во балканските конфликти во 1990-тите.

И покрај серијата предавања на осомничени за воени злосторства на Хашкиот трибунал во текот на изминатите неколку месеци, повеќе од десетина обвинети сé уште се наоѓаат на слобода. Помеѓу нив се и тројцата најбарани бегалци од страна на МКТЈ -- Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, воените водачи на босанските Срби, како и пензионираниот хрватски генерал, Анте Готовина.

„Србија и Црна Гора не може ни да помисли на Брисел и на приближување до ЕУ пред да ги донесе пред Хаг сите обвинети, вклучувајќи го и Младиќ“, изјави Драшковиќ за новинарите по разговорите со комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во вторникот во Брисел.

Ако до крајот на овој месец Србија и Црна Гора ги исполни сите услови, вклучувајќи ги и своите обврски кон МКТЈ, во април ќе биде издадена препорака за отворање на разговорите за асоцијација и стабилизација со земјата, рече комесарот.

„Очекуваме поконкретни активности во врска со предавањата на обвинетите на Хашкиот трибунал“, рече Рен на заедничната прес-конференција со Драшковиќ.

Неговата изјава дојде ден пред широко очекуваната одлуката на ЕУ за одложување на почетокот на разговорите за пристап на Хрватска со Унијата поради тоа што земјата уште не го предала Готовина на МКТЈ. Почетокот на преговорите беше закажан за в четврток.

„Пораката што ја испраќаме до регионот е дека имате вистинаска и конкретна европска иднина“, рече Рен. „Но тоа бара секоја земја да ги исполни своите меѓународни обврски, особено оние поврзани со владеењето на законот, што претставува фундаментална европска вредност.“

Во врска со одложувањето на разговорите со Хрватска, Драшковиќ рече дека пораката што ја испраќа ЕУ до регионот е „многу јасна за сите земји во Југоисточна Европа“. Минатиот месец тој предупреди дека Србија и Црна Гора ќе биде „сосема отпишана“ ако не ги исполни своите обврски кон Хашкиот трибунал.

Изразувајќи оптимизам во врска со физибилити студијата, Драшковиќ во вторникот рече дека чекорите што земјата ги прави за достигнување на нејзината друга главна цел на надворешната политика -- приемот во програмата на НАТО, Партнерство за мир -- треба да бидат следни на агендата.

„Интеграцијата во ЕУ и во евроатланските структури е наша желба, наш единствен пат и единствената иднина“, рече Драшковиќ, истакнувајќи дека скоро сите други европски земји се членки на таа програма.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас