27/01/2005
Ширењето на два агресивни вида тропски алги долж хрватското крајбрежје на Јадранското Море и блиските острови ги вознемири научниците. Долгорочно, проблемот би можел да стане закана за туризмот.
Од Миранда Новак за Southeast European Times во Загреб – 27/01/05
Појавата и брзото ширење на тропските алги на хрватското крајбрежје од Јадранското Море станува сé посериозен проблем, како што се вели во неодамнешното истажување. Два вида алги -- Caulerpa Taxifolia и Caulerpa Racemosa -- беа откриени во хрватскиот дел од Јадранското Море во 1995 година. Франција, Шпанија и Италија се борат со алгите во изминативе две децении, но со ограничен успех.
Ракемосата е пронајдена на голем број места на јужните хрватски острови во Јадранското Море, додека Таксифолијата досега е откриена на три места -- Стари Град и два северни јадрански градови -- Раб и Крк.
Додека за Ракемосата се смета дека доаѓа од Црвеното Море преку Суецкиот Канал, Таксифолијата е можно случајно да е донесена во морето од океанографскиот музеј во Монако пред 20 години.
Ракемосата е исклучително агресивен вид, кој создава густи колонии. Покривајќи го морското дно со неколку слоеви, таа оневозможува сончевата светлина да допре до другите морски организми, со што фотосинтезата станува невозможна. Без храна и кислород останатиот морски свет умира.
Од првото откривање на алгите досега тие се проширија на 35 локации. Брзото ширење ги изненади научниците, кои сега предупредуваат дека пости можност дел од погодените области да се изгубат во текот на следните три години.
Досега најпогодена област е островот Млет, во близина на заливчето Собра, каде што алгите се раширени на 11,5 километри од крајбрежјето. Проблемот е сериозен и во близина на островот Бишево. Биологот Владимир Онофри вели дека неговите колеги биле шокирани кога им ја покажал карпата целосно покриена со Ракемоса, на длабочини од 7 до 40 метри.
Најштетните алги може да се држат под контрола со покривање со фолија, но не и Ракемосата, која расте премногу брзо. Таа нема природни непријатели во Јадранското Море и нејзините откинати делчиња се светли и не потонуваат на дното, така што морската струја ги распространува.
„Последниот тест за условите на Млет, каде што се обидовме да ги уништиме колониите на Ракемосата покривајќи ги со црна фолија, покажа дека во рок од десет дена оваа алга расте под фолијата цели 27 сантиметри. Значи, дневно таа расте 2,7 сантиметри“, рече Онофри.
Поради трошоците, работните услови и обемноста на проблемот, хрватските научници ја советуваа Владата да се концентрира на отстранувањето на алгите во областите од исклучително културно и биолошко значење -- првенствено врз Националниот парт во Млет. Сепак, ако не се реши целиот проблем, алгите би можеле да ја зафатат целата област за период од околу десет години, со што би го направиле регионот помалку атрактивен и би му наштетиле на хрватскиот туризам -- главен извор на економски раст на земјата.