11/01/2005
Босанските полицајци докажаа дека се успешни мировници во Источен Тимор, Либерија и сега на Хаити. Најновата мировна мисија на земјата се случува во време кога реформите на полицијата на БиХ влегоа во најважната фаза.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 11/01/05
Припадниците на првиот контингент на полицајци во мировните сили од Босна и Херцеговина (БиХ) минатиот месец ја завршија својата основна обука и се приклучија на операцијата на Мисијата за стабилизација на ОН во Хаити (МИНУСТАХ).
Дванаесет мировници од БиХ станаа дел од униформираниот персонал на МИНУСТАХ, составен од вкупно 6.060 лица, од кои 4.790 војници и 1.270 цивилни полицајци. Нивната мисија е да й помагаат на транзиционата Влада на Хаити во набљудувањето, реструктуирањето и реформата на Националната полиција на Хаити (ХНП), во согласност со демократските полициски стандарди. Помеѓу другите работи, МИНИСТАХ помага во прегледувањето и цертифирањето персонал, дава совети во врска со реорганизацијата и обуката и ги советува припадниците на ХНП.
Босанскиот контингенг ќе остане таму една година. Во него влегуваат полицајци од двата ентитета на земјата -- Федерацијата на БиХ (ФБиХ) и од Република Српска. Помеѓу нив се и три полицајки. Водач на контингентот е Јасминка Имановиќ, од кантонот на Тузла во северноисточниот дел од ФБиХ.
Полицајците изразија големо задоволство од приемот од страна на Селективниот тим за помош на ОН во Сараевската полициска академија. „Голема награда е да се биде припадник на мировната мисија на ОН“, рече 28-годишната полицајка Јасмина Недиќ од Лукавац. „Исто така, претставува голема чест да се биде помеѓу оние кои ќе ја претставуваат нашата земја. Среќна сум што ќе имам можност да им го пренесам нашето полициско искуство на колегите од Хаити.“
Учеството во МИНУСТАХ се случува во време на најважната фаза на полициските реформи во БиХ. Полицајците од БиХ се распоредени како мировници во мисиите на ОН во Источен Тимор и Либерија веќе неколку години и ОН, наводно, предложиле БиХ да учествуваат во мировната мисија во Судан. Министерството за безбедност на БиХ го координираше нивното распоредување со министерствата за внатрешни работи на ентитетите.
„Властите на ОН се многу задоволни од начинот на кој полицајците од БиХ ги спроведоа своите мировни задачи“, рече министерот за безбедност на БиХ, Бариша Чолак. „Фактот што продолжувањето на нивните мандати во Источен Тимор и Либерија доби повеќекратно одобрување најдобро го докажува тоа.“