Басеску победи на претседателските избори во Романија

13/12/2004

Кандидатот на опозицијата Трајан Басеску постигна неочекувана победа во вториот круг од претседателските избори во Романија, поразувајќи го премиерот Адријан Настасе. По ова би можеле да следат нови парламентарни избори.

Од Ризван Амариеи за Southeast European Times во Букурешт – 13/12/04

Tрајан Басеску, од центристичкиот сојуз помеѓу Национал-либералната партија (ПНЛ) и Демократската партија (ПД) ќе биде новиот претседател на Романија. Со скоро сите пребројани гласови од вториот круг, кој се одржа во неделата (12-ти декември), Басеску води пред својот противкандидат Адријан Настасе, за скоро 600.000 гласови. Тој освои 51,7 отсто од гласовите, додека премиерот Адријан Настасе - претставник на коалицијата помеѓу владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) и Хуманистичката партија (ПУР) освои 48,3 отсто.

Во понеделникот Настасе рече дека го признал поразот во телефонскиот разговор со Басеску, кој го нарече „идниот претседател на Романија“.

Аналитичарите сметаат дека пресуден за победата бил големиот одѕив во урбаните области, каде што е најсилна поддршката за опозицијата. Анкетите на излезот од гласањето во неделата покажуваа мртва трка, поттикнувајќи ги кандидатите да прогласат победа. Но, како што пристигнуваа резултатите, поддржувачите на Басеску во Букурешт и насекаде низ земјата излегуваа на улиците за да прослават, веејќи со портокалови знамиња на опозициската коалиција.

Победникот ќе го наследи со тригодишен мандат сегашниот претседател Јон Илиеску, доминантна фигура во романската политика по падот на комунизмот и ќе се соочи со предизвикот да ја води земјата низ сеопфатните реформи потребни за членството во ЕУ. Романија се надева на пристапување во Унијата во 2007 година, заедно со соседна Бугарија.

Настасе победи во првиот круг на 28-ми ноември, со околу 41 отсто од гласовите, наспрема 34 отсто за Басеску. Парламентарните избори што се одржаа истиот ден завршија со мала разлика. ПСД+ПУР обезбеди 57 места во Сенатот и 132 места во Домот на делегатите, додека Партијата на правдата и вистината на Басеску (ДА) ќе има 49 сенатори и 112 делегати. Другите места ги освои националистичката Партија за голема Романија и Демократскиот сојуз на Унгарците (УДМР). Покрај тоа, 18 организации на националните малцинства добија по едно заменичко место. Сојузот ПСД-ПУР е обврзан да побара поддршка од помалите партии за формирање на владина коалиција.

„Владата за која преговараше ПСД+ПУР со УДМР е загрозена“, рече политичкиот аналитичар Јон Кристиу во интервјуто за телевизија Антена 1. Според уставот, претседателот може да назначи премиер, ако нема мнозинство во Парламентот.

Според Роберт Туркеску, главен уредник на дневниот весник <I>Котидианул</I>, нестабилната политичка ситуација значи дека се можни нови парламентарни избори.

Интервалот помеѓу првиот и вториот круг од претседателските избори не беше ни најмалку мирен. Обвинувањата за фалсификат го засенија првичниот исход, при што некои невладини организации и опозициски партии обвинија дека владејачката партија ги пренесувала поддржувачите за да гласаат повеќепати или на друг начин манипулирала со системот.

По вториот круг, набљудувачите на изборите објавија дека добиле помалку извештаи за нерегуларности.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас