Црна Гора одржа конференција за борбата против регионалната корупција

25/10/2004

Дводневната конференција во Подгорица претходно овој месец се фокусираше врз подобрувањето на соработката и размената на информациите како дел од борбата против корупцијата во Југоисточна Европа.

Од Антонела Крстовиќ за Southeast European Times во Подгорица - 25/10/04

На почетокот од овој месец во Подгорица се одржа дводневна конференција за зајакнувањето на борбата против регионалната корупција. Овој настан претставуваше заеднички напор на Антикорупциската иницијатива на Пактот за стабилност, мисијата на ОБСЕ во Србија и Црна Гора и Антикорупциската иницијатива на црногорската Влада.

Фокусот беше ставен врз подобрувањето на соработката и размената на искуство и информации помеѓу земјите во регионот, со цел зајакнување на ефикасноста на антикорупциските напори. На конференцијата, исто така, беше разговарано за отстранувањето на недостатоците во кривичното законодавство кои претставуваат пречка во истражните процедури и обезбедувањето на докази.

Помеѓу учесниците беа и адвокати на окружните судови, судии, претставници на полицијата и службите за разузнавање од земјите во Југоисточна Европа, како и претставници на ЕУ, билатерални донатори и групата која ги советува адвокатите на окружните судови во регионот.

Заменик-премиерот Драган Ѓуровиќ, кој е, исто така, и министер за внатрешни работи на Црна Гора, ја отвори конференцијата. На отворањето говореа и: извршниот секретар на Регионалниот секретаријат на Антикорупциската иницијатива на Пактот за стабилност, Веселин Суковиќ, како и шефот на канцеларијата на ОБСЕ во Подгорица, Рудолф Богнер.

Ѓуровиќ рече дека земјите во регионот треба да бидат решителни во преземањето мерки за борба против корупцијата, особено преку континуирани реформи во правниот, економскиот и финансискиот систем и спроведувањето на новите закони. Црна Гора е во последната фаза од создавањето на законодавната рамка -- вклучувајќи ги новите закони за кривична процедура и воспоставување на специјална обвинителска канцеларија за организираниот криминал -- која ќе помогне во исполнувањето на меѓународните стандарди за борба против овие видови криминал, рече министерот.

Тој, исто така, објави дека Владата наскоро ќе усвои стратегија -- подготвена во консултација со Европскиот совет и ОБСЕ -- за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Суковиќ, пак, ја опиша корупцијата како опасна и сложена појава која мора да биде разбиена преку координирани активности на државните органи, невладините организации и граѓанското општество, како и со помош на меѓународната соработка.

Богнер рече дека борбата против корупцијата на високо ниво станува главен предизвик за земјите од Југоисточна Европа, особено откако стана очигледно дека земјите кои се способни за успешно решавање на овој проблем ќе се соочат со побрз напредок на нивниот пат кон членство во ЕУ. Ефикасноста во собирањето на докази, водењето на случаите и спроведувањето на судските процеси претставува основен тест за проверка на институционалната зрелост на една земја, рече тој.

Казнувањето на корупцијата не е значајно само за кредибилитетот на земјата, додаде Богнер, туку, исто така, помага и за подигање на јавната свест во врска со ова прашање.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас