18/06/2006
НУРЕМБЕРГ, Германија -- Амбициите за Светското првенство на Хрватска се разнишани поради тоа што тимот не успеа да ја победи Јапонија во живиот и динамичен -- но без постигнати голови -- натпревар во неделата (18-ти јуни). Хрватите одиграа силна офанзивна игра, потпирајќи се на брзите контранапади и долгите подавања длабоко во противничката половина. Тренерот Златко Крањчар ризикуваше со намалувањето на контролата на неговиот тим во средината на полето, ставајќи тројца напаѓачи близу до голот на Јапонија. Јапонците, исто така, се одлучија за офанзивен фудбал на задоволство на полниот стадион во Нуремберг и милионите гледачи пред малите екрани низ целиот свет. Јапонските играчи преземаа побавни напади, подавајќи ја топката пречесто во обид да создадат отворен простор за одбранбената линија на Хрватска. Најдобрата шанса на тимот за постигнување гол беше во 21-вата минута, кога Мијамото го падна ветеранот-напаѓач Дадо Пршо во шеснаесетникот. Судијата им додели пенал на Хрватите, кој го изведе Срна. Брилијантната одбрана на голманот Јошикацу Кавагучи ги одржа надежите на Јапонија за Светското првенство. Втората голема шанса Хрватска ја имаше во 28-мата минута, кога Нико Крањчар изведе опасен удар од далечина од повеќе од 20 метри, но удри во пречката. Хрватите со обидоа да ја искористат својата височинска предност над Јапонците со неколку опасни центрирања, но неколку доби удари со глава на Пршо и неговите соиграчи или отидоа премногу настрана или беа фатени од Кавагучи.
Статистиката потврди дека двата тима подеднакво добро се бореа и заслужија нерешен резултат. Јапонците ја контролираа топката 55 отсто од времето, а Хрватска 45 отсто. Хрватите упатија 15 удари кон противничкиот гол, од кои пет беа во целта. Јапонија упати 10 удари, од кои четири беа во целта.
Кога истекоа трите минути од продолжението, двата тима беа понерасположени отколку пред натпреварот. Со само еден поен во нивните први два натпревари во групата Ф, на двата тима очајнички им требаше победа за влез во втората фаза од првенството. Јапонија ќе се соочи со Бразил, додека Хрватска ќе се сретне со опасните Австралијанци на 22-ри јуни.
Натпреварот помеѓу Хрватска и Јапонија ќе остане во историјата како прв досега нерешен натпревар на Хрватска во финалињата на Светското првенство. Тимот досега победил на шест натпревари, а изгубил на пет. Тимот го шокираше фудбалскио свет кога заврши на третото место на првенството во 1998 година, одржувајќи ја традицијата на тимовите од Југоисточна Европа во предизвикувањето на најголемите изненадувања на светските првенства. Бугарија беше трета во САД во 1994 година, а Турција неочекувано го освои бронзениот медал во Кореја-Јапонија во 2002 година. (Од Иван Тчомаков за Southeast European Times)
Прва постава:
Јапонија: Јошокацу Кавагучи. Акира Каји, Цунејасу Мјамото (кап.), Јуји Наказава, Мицуо Огасавара, Такаши Фукуниши (Јуничи Инамото 46), Хидетоши Наката, Алесандро Сантос, Шунсуке Накамура, Ацуши Јанагисава (Кеији Тамада 62), Наохиро Такахара (Масаши Огуро 85)
Хрватска: Стипе Плетикоса, Дарио Шимиќ, Роберт Ковач, Јосип Шимуновиќ, Даријо Срна (Иван Бошњак 87), Игор Тудор (Ивица Олиќ 70), Нико Ковач (кап.), Марко Бабиќ, Нико Крањчар (Лука Модрич 78), Иван Класниќ, Дадо Пршо.
Судија: Ф.Де Блекере (Белгија)