13/04/2012
Регионалната театарска копродукција засновна на познатиот роман за толеранцијата на Иво Андриќ ја отвора вратата за зголемување на регионалната културна соработка.
Од Бедрана Калетовиќ за Southeast European Times во Тузла -- 13/04/12
Три независни театри во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина (БиХ) се копродуценти на претставата заснована на романот на Иво Андриќ Проклета авлија, по повод 120-годишнината од раѓањето на авторот и 50-годишнината од неговото добивање на Нобеловата награда за литература.
Претставата ја разгоре дебатата во врска со националноста на Андриќ, како и тоа која од трите нации го полага правото на неговите дела. Секоја го вклучува Андриќ во својата антологија на културата.
Андриќ е роден и пораснат во католичко семејство во БиХ, но дел од својот живот поминал во Белград, каде што и починал.
„Које е Иво Андриќ? Истата дилема и атмосфера останува сите овие години бидејќи сите го сакаат Андриќ за себе“, рече за SETimes Небојша Брадиќ, директор на претставата од театарот Вировитица во Хрватска.
Пиесата го имаше своето деби во ноември 2011 година, но во театрите се поставува оваа година, поради годишнините на Андриќ.
Тоа е прва копродукција на регионалните театри од Србија, Хрватска и БиХ по конфликтите во 1990-тите, која ја отвори вратата за зголемување на регионалната културна соработка.
Публиката се чини дека е привлечена токму поради тоа што театрите -- како актерите, така и тимовите зад сцените -- се опираат на национално-идеолошки пристап и го третираат Андриќ како заедничко наследство.
„Соработката резултира со непроценливо искуство во премостувањето на регионалните бариери. Уметноста како продукт на духот ги руши сите ѕидови, исто како што е и [рушењето] на Берлинскиот ѕид. Истото ќе биде со ѕидот околу Андриќ“, рече уметничкиот критичар Vojislav Vujanovic.
Големите национални театри не изведуваат ниту едно дело на Андриќ, според Владо Керошевиќ, актер-учесник од Тузла. „Тоа покажува дека различните политички опции што стојат зад овие театри не сметаат оти би било поволно да се постават делата на Андриќ“, рече за SETimes Керошевиќ.
Но, некои, како меѓународно прочуениот филмски режисер Emir Kusturica -- роден сараевчанец, честопати во фокусот на вниманието поради неговите српски националистички погледи -- остануваат на ставот дека културното наследство на Андриќ треба да се гледа во рамките на националната култура.
„[Aндриќ] почина во Србија како Србин и доби Нобелова награда како Србин. Тој не е некаков дипломатски простор ... за делење“, рече Кустирица.
Други Срби ја допрецизираат изјавата на Кустурица.
„Се разбира дека националната припадност на писателот не е премногу важна, но има нешто што се нарекува волја на авторот и тоа се цени безусловно насекаде. Во овој случај, волјата на авторот беше да биде српски писател ... Поговорката вели, кога тој е сечиј, тогаш тој е ничиј“, рече Komaja.
Но, другите се скептични и се сомневаат во странско влијание. „ЕУ наметна ваков вид соработка ... Да не се лажеме; тоа не е за љубов, туку за чист интерес“, рече dokle prasina.
„Меѓу љубовта и интересот има безброј алтернативи. Тие ја прават културата“, возврати spasenija kolcek.
Директорот на театарот Jasen Boko ги разјасни намерите на театарот. „Ние влеговме заедно во копродукцијата на претставите, што ги поврзува театрите во трите држави кои го сметаат Андриќ за свој дел, но подеднакво и за светско културно наследство ... Причините се уметнички, со оглед на тоа што веќе доволно луѓе ја водат политиката во нашите земји.“