Политички театар, албански стил

21/11/2008

Дали штрајкот со глад беше соодветен одговор на новиот закон за изборни реформи?

Од Balkanblogs за Southeast European Times -- 21/11/08

Aлбанскиот парламент усвои контроверзен нов изборен законик претходно оваа недела, при што 112 од вкупно 140 пратеници го поддржаа предлог-законот. Иако поддржан од владејачките демократи, како и од главните опозициски социјалисти, законот беше одложуван со месеци поради несогласувањето на помалите партии, кои велат дека тој ќе ги исклучи.

За да го истакнат своето несогласување, пратениците од помалите партии започнаа штрајк со глас претходно овој месец. По гласањето во вторникот (18-ти ноември) тие го прекинаа. Водачот на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), Илир Мета, кој не зеде храна повеќе од осум дена, им одржа страстен говор на своите поддржувачи.

„Добра вест е тоа што никој не настрада од штрајкот“, пишува Тони на peshkupauje. „Ова беше победа за Еди Рама од Социјалистичката партија, кој го покажа своето водство и став под најразлични притисоци во многу компликувана ситуација. Тоа покажа и колку беше патетична изјавата на штрајкувачите со глад, кои ни рекоа дека ќе умрат за овој изборен законик. Се надевам дека овој случај ќе прекине еднаш засекогаш и за сите вакви форми на притисок, вклучително и бројните штрајкови со глад“.

Pjer Thomas има поразлично мислење. „Многу ми е жал што другите партии не се приклучија на протестите за да се создаде национална коалиција која ќе ја спаси Албанија од сиромаштијата и корупцијата“, пишува тој.

„Јас не сум поддржувач на ЛСИ и нема да гласам за неа следната година, но не се согласувам што новиот изборен закон не й дозволува да има присуство во набљудувачките изборни комисии“, коментира Бленди на peshkupauje. „Намалувањето на бројот на членовите во комисиите ја намалува застапеноста на помалите партии и истовремено ја зголемува застапеноста на поголемите партии.“

За T-Red, приговорите на пратениците се разбирливи, но нивниот метод на изразување е чуден. Тој запраша дали западните политичари, како што се Романо Проди, Дејвид Камерон, Џон Меккејн и Барак Обама, би спровеле вакво дејство.

„ЛСИ има право да се спротивстави на новиот изборен закон барајќи вклучување на еден член на комисија во изборните набљудувачки комисии. ЛСИ има право да бара да не губи гласови -- гласовите на луѓето кои не сакаат да гласаат за водечките партии како што се Демократската партија и Социјалистичката партија. Но, зошто одлучи да оди со последната опција, штрајк со глад? Бидејќи во Албанија, ,комуникација’ е странски збор.“

Bledialb смета дека Мета е само опортунист, кој бара начин неговата партија да остане во центарот на вниманието. „Тешко е да се одржува едно политичко движење живо, особено во левицата“, заклучува тој.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас