Дипломираните студенти се соочуваат со мрачни можности за вработување

16/04/2012

Иако образовниот систем во регионот претрпе реформи во текот на изминатите неколку години, критичарите тврдат дека тој не успеа да ги задоволи барањата на денешниот пазар на трудот.

Мухамет Брајшори за Southeast European Times во Приштина -- 16.04.12

Болка која одекнува кај толку многу семејства е тоа што тие се борат да ги образуваат своите деца за на крајот да се соочат се мали можности за вработување. На Балканот исто така, дипломираните студенти се соочуваат со две прашања: ограничените работни места и образовниот систем кој не ги учи на вештините барани од страна на работодавците. Покрај тоа, велат експертите, средното и високото образование не нудат дипломи во специјализирани области, туку само општи.

Ермал Красниќи, економист во Здружението за социјални истражувања на Косово изјави за SETimes: „Младите дипломци ... главно се стекнуваат со теоретски подготовки кои се многу слаби, и немаат практично искуство, бидејќи универзитетите не го бараат тоа. А, доколку го бараат тоа, ќе добиете препорака за стажирање поради врски со некого“.

Неповрзаноста помеѓу образованието и пазарот на труд најмногу се должи на лошо квалификуваните наставници, застарените образовни методи и наставни програми, како и ограничените можности за работна обука.

49-годишниот Хазир Красниќи, менаџер на издавачката куќа „Красниќи“, непосредно го доживеа овој јаз. „Во декември, ми беа потребни лектори, и мислев дека не е тешко да се најде нов“, изјави тој за SETimes. „Но, сфатив дека 90 отсто од моите кандидати не можеа да ја добијат работата; тие не ги има потребните јазични вештини, не знаеа да лекторираат и вештините за пишување беа еднакви на нула“.

23-годишната Рина Бериша, дипломиран студент по географија на Универзитетот во Тирана, за SETimes изјави дека врз основа на своето искуство, таа посакува работите да ги направела поинаку.

„Една година по дипломирањето јас бев без работа. Знаев дека ќе се соочам со овој проблем, но тоа време го користев за подобрување на моите вештини, за да стекнам повеќе знаење. Волонтирав многу само за да научам повеќе. За време на моите студии не волонтирав, затоа што мислев дека тоа е само загубено време. Ова е една од причините што студентите немаат доволно знаење“.

Лиридон Шеху, дипломиран правник од Приштина, вели дека квалитетот на наставата може да биде проблем, со оглед на бројот на студентите. „На Правниот факултет, секоја година се примаат 1.000 студенти, [кои ја делат] истата зграда со Економскиот факултет, кој има ист број на студенти или повеќе секоја година. Ние не го добиваме потребниот квалитет бидејќи нема простор. Квалитетот е невозможен во група од 100 или повеќе студенти, а на професорите, во некои случаи, не им е гајле: тие сакаат само да ја земат нивната плата“.

Квалитетот, исто така, може да биде проблем. Според едно неодамнешно рангирање на врвните 400 универзитети на светот, ниту еден балкански универзитет не беше на листата, а од Турција се појавија само два.

Тука е и проблемот државните наспроти приватните универзитети. Според Ермал Красниќи, „Многумина велат дека приватните универзитети нудат најдобро образование. Тоа би можело да биде точно за некои кои нудат добро ниво, но ... од она што го имаме забележано, младите дипломирани студенти од државните универзитети имаат поголеми шанси за добивање работа поради подобриот квалитет и сигурноста дека “не можете да купите диплома“.

Башким Имери е дипломиран правник, во Тетово, Македонија. Во неговото искуство, „Повеќето дипломирани студенти работат во друга област од онаа во која дипломирале; во спротивно тие остануваат без работа. Пазарот не нуди доволно работни места. Многу дипломирани студенти по право или економија работат во хотели или фарми, бидејќи нив им е потребно нешто“, изјави тој за SETimes.

Ермал Красниќи се согласува, потврдувајќи дека образовниот систем е оној кој погрешно ги насочува младите луѓе. „Многу студенти трошат премногу време во области каде што не наоѓаат работа. Многу области како земјоделството, инженерството, како и природните науки немаат доволно дипломирани студенти за да се пополнат работни места, и во овие области сé уште може да се најдат работници кои се постари од 40 години“.

Тој рече дека универзитетите треба да се потрудат повеќе за задоволување на потребите на пазарот со насочување на студентите кон полињата со потенцијал за вработување. „Ова значи дека економскиот и правниот факултет не треба да примаат 1.000 студенти туку 100. Земјоделскиот и машинскиот факултет треба да примаат 1.000 и да нудат стипендии во тие области за да ги мотивираат студетите и да усовршат нови наставни програми. Ова се чекорите кои треба да се преземат, но тие не се земаат сериозно, бидејќи тоа би значело дека луѓето кои имаат моќ во донесувањето на одлуки би можеле да ги изгубат работните места на универзитетот“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.