12/01/2009
Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Мирослав Лајчак, предупредува дека земјата се наоѓа пред критична година.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 12/01/09
Политичката средина во Босна и Херцеговина стои на патот кон напредокот, вели високиот претставник Мрослав Лајчак. Во интервјуто со дописникот на SETimes Антонио Прленда, Лајчак зборува за пречките со кои земјата ќе се соочи оваа година.
Southeast European Times: Како би ја окарактеризирале актуелната политичка и економска ситуација во Босна и Херцеговина (БиХ) и можностите за договор за уставните реформи во блиска иднина?
Мирослав Лајчак: Сугестиите дека повторно претстои насилство во БиХ се претерани. Факт е дека дејствуваме во лоша политичка средина од средината на 2006 година. Насилството стана норма, а изговор за не правење ништо. И покрај потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација во јуни, приоритет за лидерите во земјата стана политичката конфронтација. Реформите останаа во втор план. Недовербата што се роди во оваа политичка клима се оцртува во двата дијаметрично спротивни извештаи за пожарот во џамијата во Фазлагица Кула.
Сето ова се одразува многу лошо на земјата. Црна Гора веќе поднесе апликација за статус на кандидат за членство во ЕУ. Очекувам и другите земји во Западен Балкан да го направат истото оваа година. Јасно е дека во моментов БиХ има малку да понуди во однос на аргументите за поддршка на слична кандидатура. Според тоа, предизвик во следната година е да се спречи можноста БиХ да заостане уште повеќе зад своите соседи во Западен Балкан во процесот на интеграција во ЕУ. Политичарите и парламентарците мора да ја насочат целата своја енергија во агендата на ЕУ. Меѓународната заедница очекува БиХ да ги забрза реформите за интеграција во ЕУ во 2009 година.
Меѓународната заедница и министрите за надворешни работи на ЕУ го прифатија заедничкиот извештај на претседателите на партиите СДА, СНСД и ХДЗБиХ од Пруд на 8-ми ноември. Овој процес целосно го движат домашните политичари. Една од клучните точки во овој извештај е намерата да се реши проблемот со уставните реформи на прагматичен начин. Тие предлози сега треба да бидат конкретизирани. Се надевам дека останатите партии кои имаат пратенички места во парламентот ќе се согласат со фактот дека овој процес доби целосна поддршка од ЕУ.
Постојано нагласувам дека БиХ може да го започне процесот на интеграција во ЕУ со актуелниот устав, но нема да може да го заврши. Зошто? Прво, бидејќи администрацијата во БиХ е премногу сложена и скапа, таа не одговара на барањата на граѓаните и нема да издржи на работата потребна за евроинтеграција. Второ, постои јасен императив за промени во согласност со извештајот на Венецијанската комисија на Советот на Европа во кој се наведува дека уставот на БиХ не е во согласност со Конвенцијата за човекови права и Европската повелба за локална самоуправа. Должност на БиХ -- преку нејзините политички лидери -- е да ги прифати општите вредности за човековите права, поставени од Советот на Европа. Ова е услов за членство во ЕУ.
SETimes: Реално ли е да очекуваме дека Канцеларијата на високиот претставник (КВП) и силите на ЕУ (ЕУФОР) ќе ги завршат своите мандати во 2009 година?
Лајчак: Меѓународната заедница со сигурност не сака КВП да остане во БиХ ниту еден ден повеќе од неопходното. Исто така, сигурно е дека трансформацијата на СВП во Служба на специјалниот претставник на ЕУ нема да се случи се додека не бидат исполнети целите и условите поставени од Советот за спроведување на мирот во февруари. Во ноември ССМ повторно кажа дека не треба да се очекува трансформација на КВП без да бидат исполнети целите и условите поставени во февруари.
Следната седница на ССМ ќе се одржи во март, кога ќе биде оценет напредокот. 2009 е важна година за БиХ заради друга причина -- таа нуди ретка можност за вистински напредок. Во 2010 година повторно ќе влеземе во изборна година. Искуството покажа дека политичарите ќе бидат фокусирани на поделбата -- со цел да ги зачуваат своите позиции -- а, не на вистинско работење. Тоа значи дека ако не успееме да постигнеме напредок во 2009 година, ќе се соочиме со дополнителна стагнација, радикализација, поделби и изолација. Сметам дека во текот на 2009 година граѓаните на оваа земја можат да очекуваат конкретни мерки за подигнување на стандардот на живеење и забрзување на напредокот на патот кон Европа.
SETimes: Босанскиот член на претседателството на БиХ, Харис Силајџиќ и премиерот на Република Српска Милорад Додик се држат до својата тврдокорна политичка реторика, и покрај критиките од меѓународната зедница. Што може да се направи за да се убедат да го променат тонот? Дали меѓународната заедница разгледува некои нови стратегии во однос на ова?
Лајчак: Меѓународната заедница имаше приоритети надвор од Западен Балкан. Мило ми е што можам да кажам дека ова сега се менува. БиХ повторно е во центарот на вниманието на меѓународната заедница и особено на ЕУ. На 10-ти ноември, министрите за надворешни работи на ЕУ дадоа јасен сигнал дека ЕУ е подготвена да ја зголеми својата ангажираност во БиХ и евентуално да преземе целосна одговорност. Тие го усвоија извештајот на шефот за безбедност на ЕУ Хавиер Солана и еврокомесарот за проширување Оли Рен, во кој е изложена една развојна политика на ЕУ кон БиХ. Овој извештај ќе биде клучен документ за идната ангажираност на ЕУ и е една од гаранциите за решителноста на ЕУ да ја види БиХ како мирна држава која може да опстои на патот кон членство во ЕУ.
SETimes: Како ќе влијае потегот на Додик да престави криминален извештај против главниот заменик-висок претставник Рафи Грегоријан врз вашите работни односи со премиерот на РС? Дали се смени вашиот однос кон Додик?
Лајчак: Прво дозволете ми да повторам дека мојот заменик, Рафи Грегоријан, ја има мојата целосна поддршка и поддршката на ССМ, како и на пошироката меѓународна заедница. Едноставно, тоа е обид да се спречи КВП да го исполни својот мандат и претставува напад врз државните правосудни институции и агенции. Тоа не е во согласност со Дејтонскиот договор, според кој сите сме обврзани на целосна соработка со Високиот претставник и неговиот тим. Меѓународната заедница јасно кажа дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Кога се сретнав со премиерот Додик во Бања Лука во средината на декември, му кажав дека тоа ќе биде бесмислен потег; дека непотребно се става против меѓународната заедница и дека ќе постигне многу повеќе ако меѓународната заедница го смета за партнер, а не за проблем.
SETimes: Што треба да се направи со цел да се постигне значително зголемување на странските инвестиции во БиХ?
Лајчак: БиХ се соочува со многу предизвици оваа година. Реформите мора да бидат деблокирани, земјата мора повторно да го насочи вниманието кон отворање на нови работни места, зајакнување на владеењето на правото и да ја направи администрацијата поефикасна. Само општествените промени можат да го сменат животот на обичните граѓани. Постои една испитана стратегија, која ја поддржуваат 80 отсто од граѓаните во БиХ, а тоа е побрза интеграција во ЕУ.