Западен Балкан и Турција ќе добијат 4,5 милијарди евра помош од ЕУ до 2011-та година

20/10/2008

Европската Комисија усвои план за трошоци за предпристапната помош во вредност од околу 4,5 милијарди евра кои ќе бидат издвоени за седум земји од Западен Балкан и Турција до 2010-та година.

(ЕУ - 10/10/08; АФП - 09/10/08; EMпортал - 30/09/08; Европска Комисија, Ројтерс, Хина, Макфакс, Б92 - 29/09/08)

Кон крајот на септември Европската Комисија (ЕК) усвои стратегија со приоритетите за финансиска помош во вредност од приближно 4,5 милијарди евра, кои ЕУ ги издвои за осум земји од Југоисточна Европа (ЈЕ) за периодот 2008-2010-та година.

Целта на овие средства е да се подобри развојот на овие земји, како и да се помогнат нивните напори за исполнување на политичките и економските критериуми за членство во ЕУ и усогласување на нивните закони со европските стандарди и норми.

Според програмата Инструмент за предпристапна помош (ИПА), помош ќе добијат официјалните кандидати за членство во ЕУ Хрватска, Македонија и Турција, како и потенцијалните кандидати Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Црна Гора и Србија.

Средствата издвоени според конкретните програми за секоја земја имаат вкупна вредност од околу 4,013 милијарди евра. Издвоени се уште 458,4 милиони евра во рамките на програмата за разни корисници кои ќе ги помагаат заедничките проекти на неколку партнери во областите на економскиот, социјалниот и развојот на граѓанското општество, административните и судските реформи и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Патот кон ЕУ е поплочен со реформи за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните и исполнување на строгите критериуми за пристапување во Унијата“, соопшти ЕК на 29-ти септември, најавувајќи го усвојувањето на планот. „За напредок на овој пат не се потребни само политичка волја и издржливост, туку и значителни финансиски вложувања.

Предпристапната помош за секоја од трите земји-кандидати за ЕУ се фокусира врз петте ИПА компоненти: помош во транзицијата и изградбата на институциите; прекугранична соработка; регионален, рурален и развој на човечките ресурси.

Планираните средства за Хрватска, која би требало да ги заврши своите преговори за влез во ЕУ следната година, изнесуваат над 451 милиони евра, меѓу кои 154 милиони евра за регионален развој, 131 милион евра за изградба на институциите и 77 милиони евра за рурален развој. Средствата издвоени за прекугранична соработка се 47 милиони евра, а за развој на човечките ресурси 43 милиони евра. Планираната финансиска помош на ЕУ за Турција за тригодишниот период изнесува околу 1,759 милијарди евра, од кои 539 милиони евра за 2008-та, околу 566 милиони за 2009-та и 654 милиони евра за 2010-та година.

„Помошта на ЕУ за Турција се фокусира врз стабилноста на институциите со цел да се загарантираат основните права и слободи, демократија, владеење на правото, човечки права и почитување и заштита на малцинствата, како и промовирање на Граѓанскиот дијалог помеѓу ЕУ и Турција“, стои во соопштението.

Вкупно 695 милиони евра или значително повеќе од една третина од предпристапна помош која Турција треба да ја добие до 2011-та година, се издвоени за акциите во рамките на компонентите за изградба на институциите. Уште 595 милиони евра ќе ги помагаат иницијативите во областа на регионалниот развој. Средствата на ЕУ за турскиот рурален развој ќе изнесуваат 270 милиони евра, за развојот на човечките ресурси 172 милиони евра и за прекуграничната соработка 28 милиони евра.

Македонија, која е официјално призната за земја-кандидат за ЕУ во декември 2005-та година, но се уште чека датум за започнување на преговорите за членство, треба да добие вкупно 244 милиони евра предпристапна помош во периодот 2008-2010-та година. Околу 114 милиони евра, или речиси половина од вкупната помош, се наменети за акциите во областа на изградбата на институциите, вклучувајќи го и спроведувањето на секторските реформи и усвојување и имплементација на комунитарното право.

Околу 63 милиони евра ќе бидат потрошени на регионалниот развој, а 29 милиони евра за да и се помогне на Македонија да се подготви за инструментите на ЕУ за кохезиона политика и рурален развој. Земјата ќе добие и околу 22 милиони евра за развој на човечките ресурси и уште 17 милиони евра за иницијативите за прекугранична соработка, чија цел е воспоставување на поблиски врски меѓу граничните региони, поддршка на заедничките активности за заштита на животната средина и подобрување на потенцијалот за туризам.

Како потенцијални кандидати за ЕУ, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија ќе можат да ги користат само првите две ИПА компоненти: помош во периодот на транзиција и изградба на институциите, како и за прекугранична соработка.

Поголемиот дел од средствата издвоени за овие пет земји од Западен Балкан ќе ги помагаат акциите во областа на изградбата на институциите. Главна цел е „подобрување на управувањето и владеењето на правото, помагање на економскиот и општествениот развој и помош во усвојувањето на законите во согласност со законите на ЕУ и изградба на капацитет на овие земји за спроведување на тие закони на терен“, соопшти ЕК.

Уделот на помошта за активностите за прекугранична соработка помеѓу секоја од земјите потенцијални кандидати за ЕУ и нивните соседи, како и со земјите-членки на ЕУ, се движи помеѓу 3 отсто и 14 отсто од вкупната помош предвидена во нивните поединечни национални програми.

Србија ќе добие 584 милиони евра во тригодишниот период; 548 милиони евра за поддршка на нејзините напори за исполнување на политичките и економските критериуми на ЕУ и подобрување на нејзината способност да ги преземе обврските кои ги носи членството и 36 милиони евра за прекугранична соработка.

Планираните средства за БиХ изнесуваат 270 милиони евра, од кои 255 милиони за изградба на институциите и 15 милиони евра за прекугранична соработка. Ова земја има забележано само „делумен напредок“ во спроведувањето на реформите кои ги бара ЕУ, оцени ЕК во Повеќегодишниот индикативен плански документ 2008-2010 за БиХ. Исто така, нагласено е дека оваа балканска земја мора да ја зголеми ефикасноста на нејзините извршни и законодавни тела, да ја подобри координацијата помеѓу државата и ентитетите и да се договори околу реформите на својата полициска структура.

Предпристапната помош за Албанија ќе биде 245 милиони евра, од кои 215 милиони евра за изградба на институциите, а посебно за реформи на државната управа и правосудството и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Преостанатите 30 милиони евра се наменети за иницијативите за прекугранична соработка.

Црна Гора ќе добие вкупно 100 милиони евра, од кои 86 милиони за изградба на институциите и 14 милиони за прекугранична соработка.

Планираните средства за Косово, кое прогласи независност од Србија во февруари, изнесуваат 258 милиони евра -- 125 милиони за 2008-та година, 66 милиони за 2009-та и 67 милиони евра за 2010-та година. 250-те милиони евра издвоени за изградба на институциите, главно ќе се фокусираат врз развојот на граѓанското општество, заштита на српското и другите малцинства и зајакнување на владеењето на правото. Износот издвоен за прекугранична соработка за тригодишниот период изнесува 8 милиони евра. Косово треба да добие и дополнителни 100 милиони евра помош ветени на меѓународната донаторска конференција одржана во јули. „Користењето на тие пари чека на одобрување од буџетскиот орган“, стои во соопштението на ЕК.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас